Ми се крена притисокот кога сфатив дека станува збор за само 6.000 денари. Не е за парите, туку важна е поддршката што им треба на уметниците, вели дизајнерот на звук Сашко Потер Мицевски и им посака на младите од „Репетициона 4“ да го сонуваат својот сон
Четворица средношколци од аматерската група „Репетиона 04“ од Штип, сепак, в петок ќе учествуваат на Меѓународниот театарски фестивал „Океан љубов“ во Пазарџик, откако група филмски и театарски професионалци од овој град одлучија да ги поддржат парично. Иако Соња, Ана, Борче многупати тропнале на вратата на Општината за да замолат за едвај 100 евра за патни трошоци, поддршка не добија. Барем не до синоќа, кога откако се дозна за гестот на уметниците, од Општината им било понудено да им биде обезбеден бензинот, доколку младите сами се снајдат за возило.
По иницијатива на дизајнерот на звук Сашко Потер Мицевски, беа собрани 100 евра колку што им требаа на младите аматери за патни трошоци. Во убавиот гест учествуваа актерките Јелена Јованова, Наташа Петровиќ, Сања Арсовска, Душица Тренева-Зафировски, монтажерките Сандра Ѓоргиева и Тања Рибарска.
- Ми се крена притисокот кога сфатив дека станува збор за само 6.000 денари. Не е за парите, туку важна е поддршката што им треба на уметниците. Како што ние сме ја добивале, наша должност е и ние да ја дадеме. Некои луѓе имаат потреба за творење и тоа не треба да биде скратено поради политика и бирократии! Соња Пилатова, Ана Марковска и Борче Манев ќе си продолжат со своите соништа и ќе сонуваат многу. Ако добијат награда, јас лично ќе одржам прес-конференција по тој повод. Штип е град со богата култура, кој умира полека, па ако Општината реши да преземе нешто околу тоа, ние сме тука во секое време – вели Мицевски.
Мицевски, Рибарска заедно со младите од „Репетициона 04“, Соња Пилатова, Борче Манев и Ана Марковска
Аматерската група „Репетициона 04“ постои неколку месеци, а веќе има две претстави. В петок тие ќе настапат на меѓународниот
фестивал „Океанот љубов“ со претставата „Недоразбирање“. Претставата е во режија на средношколката Ана Марковска.
- Неколку пати бевме до Општината со желба да ни помогнат за патувањето. На секое одење само ни велеа да се вратиме подоцна и дека тешко ќе било за поддршка оти се ближеле избори и штеделе пари за тоа. И откако вчера на социјалните мрежи се рашири информацијата за поддршката од културните работници, ни се јавија од Општината да ни кажат дека ќе ни обезбеделе гориво, ако ние се снајдеме за возило. Сѐ уште се двоумиме дали да ја прифатиме оваа помош. Инаку, престојот таму кој ќе нè чини 45 лева за секој од нас четворица, секако си бевме одлучни самите да си го покриеме. Во меѓувреме ни се јавија и две фирми од Штип да ни помогнат за реализација на патувањето, за што сме многу благодарни - вели Марковска.