X
 12.09.2020 Култура

Жив доказ дека соништата се остваруваат - како Сашко Потер Мицевски влезе во волшебниот свет на Џ. К. Роулинг

Се надевам дека напролет 2021 ќе бидам дел од тимот на „Фантастични ѕверки 3“ - вели Мицевски, кој работеше на вториот дел од познатиот филм според книгата на Џ. К. Роулинг, а периодов е актуелен со неговиот документарен филм „Сите ќе умреме“

Неговите блиски велат дека тој е жив доказ дека соништата се остваруваат. Од вљубеник во Хари Потер-сагата до директен учесник во монтажата на звук на филмот „Фантастични ѕверки: Злосторствата на Гринделвалд 2“, кој е дел од мегапопуларен серијал. Документарните филмови се негова голема љубов, но вели дека од нив не се живее во Македонија. „Сите ќе умреме“ му е последен филм, чија премиера беше на фестивалот „Македокс“ во август.

Мицевски е голем поборник за заживување на кинокултурата во Штип и живее на релација Штип-Скопје-Англија.


Мицевски во студио

Како и во првиот Ваш документарен филм „(Вон)земјанинот Ли“, идејата за „Сите ќе умреме“ ја најдовте во родниот Штип. Филмаџиите најчесто ги наоѓаат приказните околу себе. Од кога тлее идејата за овој филм?

- Идејата за „Сите ќе умреме“ дојде како реакција на една филмска сцена што ја гледав во филм за Алфред Хичкок (игран филм со Ентони Хопкинс во главна улога). Непосредно по премиерата на „(Вон)земјанинот Ли“ (2013) имав креативна криза кога не знаев што да правам следно, дали сакам да снимам нов документарен и слично. Во филмот за Хичкок има една сцена каде што Хичкок за инспирација купува весници за да бара приказни од реален живот. Си помислив дека може и јас да го направам истото, па се симнав до локалната продавница, купив неколку весници и оп - во „Утрински весник“ имаше статија „Војна за мртовци во Штип“! Само што ја прочитав статијата, веднаш знаев дека е филм за мене. Трагикомична приказна во Штип!

Вие сте монтажер на звук по вокација. Што Ве мотивира за овој конкретен сегмент од филмот? Имавте ли можеби дилема помеѓу повеќе избори во врска со филмската уметност?

- Јас се декларирам како филмаџија што работи во постпродукција. Јас сум дипломиран филмски и ТВ-монтажер, а магистриран дизајнер на звук за филм и ТВ, така што моите способности во креирање филм се прелеваат во два специфични сектора во постпродукција. Знаев уште од крајот на средното школо дека сакам специфично да се занимавам со филмска монтажа, бидејќи во себе сублимирав неколку интереси што ги имав: филм, музика и компјутери! Па така некако се пронајдов во тоа. Кога дојде време да избирам насока за специјализација/мастер во Англија, се мислев помеѓу монтажа, режија на документарен филм и постпродукција на звук. Монтажа студирав четири години на ФДУ, така што сфатив дека следното надградување ќе ми зависи од работно искуство, пред сѐ. Сфатив дека нема да можам во Македонија да живеам од документарни филмови бидејќи се многу потценети и имаат (неосновано!) значително помали буџети и поддршка од Агенцијата за филм. 

Така што ми остана опцијата постпродукција на звук, најмногу затоа што во тоа време немаше луѓе што беа школувани во тоа и имаше многу помалку професионалци што се занимаваа со тоа. Јас сум вљубеник во британската кинематографија, особено во жанрот драма и комедија, па некако беше логично да продолжам во Англија. Мојата професија е дизајнер на звук, а додека студирав на ФДУ, живеев во домот за глувонеми студенти.


Сцена од филмот „Сите ќе умреме“

Вие сте голем обожавател на филмовите „Хари Потер“. Ви се оствари и желбата да работите на „Фантастични ѕверки: Злосторствата на Гринделвалд 2“. Какво искуство беше тоа? Како Ви се појави ваква шанса?

- Многумина ми велат дека сум жив доказ за тоа дека соништа се остваруваат и навистина сум пресреќен што го раскажувам тоа. Ми се исполни огромен сон со самото тоа што бев во тимот за постпродукција на звук на „Фантастични ѕверки: Злосторствата на Гринделвалд 2“. Не е дека ми се случи сето тоа преку ноќ. Јас сум обожавател на Хари Потер-светот веќе 19 години. Тој свет ми понуди огромен распон на емоции и поразлични видувања за светот што ми помогнаа да израснам со вистинските вредности и да се справам со сите детски проблеми што ги имав додека растев (најмногу булинг/силеџиство во школо).

Најпрвин факултетот на кој магистрирав – Националното филмско и ТВ-училиште го одбрав бидејќи голем дел од професорите што предаваа таму имаа работено на филмовите (како и на други проекти на кои се воодушевувам). Голем дел од креативните луѓе што работеле на Хари Потер и „Фантастични ѕверки“ сега се дипломирани на истиот факултет. Така што тоа беше првиот чекор.

По магистрирањето се борев, се запознавав со луѓе, работев на разноразни проекти со цел да остварам добра мрежа на луѓе во Англија. Некако ми препорачаа да стапам во контакт со супервизорот на звук на „Фантастични ѕверки“, првиот филм (како и добитник на „Оскар“ за „Гравитација“, „Милионер од предградието“, „В за Вендета“ итн). Се видов со човекот, му раскажав накратко каква приказна имам, што сѐ знам и слично и тој предложи да поминам кај нив во студио да пробам да направам некоја сцена како тест за да ме проверат дали сум доволно добар за таков тим. Покрај целата таа стресна комуникација, им се појавив на денот точно кога беа ептен во збрка и им фалеа луѓе, така што ме ангажираа да помогнам на „Шерлок Гномс“ и без да се докажувам (бидејќи веќе доаѓав со препорака и од одлична школа). Потоа се случија „Могли“ и „Фантастични ѕверки 2“. Веќе длабоко сум навлезен во тој тим, така што се надевам дека ќе ме повикаат и на третиот дел.

Кога завршивме со снимањето на „Фантастични ѕверки 2“, сам направив торта со ликот на Нифлер од филмот и ѝ ја пратив на екипата на филмот во „Ворнер брос“. Се израдував кога пред некој ден и Џ. К. Роулинг го ретвитна постот и ми пиша порака.


Вие сте еден од поддржувачите и иницијаторите на кампањата за отворање кино во Штип. Го личи ли најголемиот град во Источна Македонија без киносала? Очекувате ли позитивен исход од оваа идеја?

- Позитивен исход нема. Институциите во Македонија, на не баш толку големо изненадување, не работат добро. Сите вработени се привремено таму (партиски вработени) и сите гледаат да склепаат проектче што ќе биде фино во нивен мандат. Никој не гледа долгорочни проекти - како што е враќање на кинокултурата во Штип. На Штип очајно му треба кино со репертоар (а не саличе за прикажување филмови еднаш годишно). Младите луѓе нема од што да учат за добрите вредности, нема доволно културни настани во град што би требало да биде центар на Источна Македонија. Не е ни чудо што се појави цела генерација деликвенти во Штип што прават сериозни криминални дела. Мојата борба продолжува, ќе се бараат алтернативни решенија. Кој и да биде следен градоначалник, ќе добие повик од мене.

Како е да се живее на релација Штип–Скопје-Лондон?

- Релацијата е речиси Бермудски триаголник; Штип-Скопје-Лондон. Јас сум обично 5-6 месеци годишно во Англија, еден месец во Штип, 3-4 месеци во Скопје и остатокот на одмор низ Европа. Искрено, фино е. Не би било океј да се жалам. Некако имам работа и во Македонија и во Англија, што е одлично, па работам на различни проекти во двете држави и убаво се чувствувам. Јас сум човек на кој му треба драма, брз живот и многу луѓе, па тоа го добивам и во двете држави. Понекогаш ми е преку глава и физички сум исцрпен од спиење по аеродроми, ама има и потешки работи во животот од тоа.


Мицевски работеше на монтажата на звук на филмот „Фантастични ѕверки 2“, а присуствуваше и на премиерата на филмот во Лондон

Претрпе ли Вашата работа застој од пандемијата наваму?

- Ова може ќе биде скандалозен став, ама мене ми се допаѓа што светот се паузира. Лично мислам дека последниве 4-5 години сум толку преработен, што добро ми дојде да се паузира сѐ. Работата ми претрпе во март и април кога не се знаеше што понатаму, ама потоа тргна сѐ најдобро што може. За време на пандемијата успеав да го рестартирам старото тонско студио на „Вардар филм“, каде што го зедов просторот да го работам додека сум во Македонија и по 25 години неактивност повторно се слуша звук од таа сала. Така што, имав занимација. Моментално сум претрупан со работа (што е прекрасно!), ама во вакви денови многу често споделувам обврски со колеги. И тогаш сум најсреќен, кога не знам каде ми е главата или кој ден е.

Какви проекти Ве очекуваат?

- Има еден куп проекти пред мене. Како режисер на документарни филмови развивам две идеи, еден краток документарен и еден долг документарен филм. Како дизајнер на звук моментално работам звук на еден предобар и модерен македонски филм со работен наслов „Сестра“, филм што е феноменален пример за тоа што можат да направат филмаџии во Македонија од младата, нова генерација. Се надевам дека напролет 2021 ќе бидам дел од тимот на „Фантастични ѕверки 3“.



Сашко Потер Мицевски

Како монтажер ме очекува нова сезона на мојот омилен македонски проект – „Преспав“. Се радувам на нова дружба со мојата преталентирана, омилена, Преспав-фамилија. Три месеци смеа и најдобри вибрации! Со душа чекам!


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура