Девет српски приватни универзитети со вкупно 22 факултети издавале докторати, некои повремено, а некои постојано, иако немале дозвола за изведување магистерски студии, а со самото тоа ни за одбрана на докторат.
Српската Комисија за акредитација напиша извештај во кој се споменуваат дури 103 неовластено издадени докторати. Нивниот идентитет бил утврден така што овие луѓе, во процесот на реакредитација, се појавиле како предавачи на исти или други факултети и на високите школи.
Извештајот бил проследен до Националниот совет за високо образование, кој од Министерството за образование побарал да утврди дали дипломите се валидни, со оглед на тоа дека факултетите дозволувале студентите да докторираат иако немале решение за исполнување на кадровските, техничките и просторните услови за изведување настава на магистерски студии, што било услов.
Министерството барало дополнителна документација за секој од 103. случаи. Советот најави дека ќе го испрати и тоа, иако одредени членови коментираа дека суштината не е да се жигоса некој поединечно, туку дека барањето е да се откријат сите оспорени докторати. Се проценува дека има вкупно илјада. Исто така, можеби и до 200 сопственици на вакви докторати предаваат на факултетите. Имаше и коментари на одредени членови на Советот кои предложија да се „легализираат“ докторатите со помош на лекс специјалис, како што се прави со нелегално изградените куќи.
Потребната документација за изведување магистерски студии, освен приватните, ја немале и 11 државни универзитети и факултети, пренесуваат
српските медиуми.