X
 26.04.2021 Живот

Митови за нуклеарната несреќа во Чернобил

Денес се одбележуваат 35 години од нуклеарната катастрофа во Чернобил. Тоа што се случи во поранешниот Советски Сојуз, на 26 април 1986 година, веќе не е тајна.

Дали Чернобил е најголемата нуклеарна катастрофа што се случила во светот досега?

Нуклеарната катастрофа во 1986 година во нуклеарната централа Чернобил кај градот Припјат, Северна Украина, често се опишува како најтешката нуклеарна несреќа во историјата. Сепак, овој сензационален приказ не е појаснет подетално.

Меѓународната скала за нуклеарни и радиолошки настани (ИНЕС) ги класифицира нуклеарните настани во размер од нула до седум, разложувајќи ги на несреќи, инциденти и аномалии. Скалата била воведена во 1990 година откако била развиена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Агенцијата за нуклеарна енергија на Организацијата за економска соработка и развој (НЕА/ОЕЦД). Нивото седум означува „голема несреќа“, што значи „големо ослободување на радиоактивен материјал со широко распространети здравствени и еколошки ефекти, што бара спроведување на планирани и проширени контрамерки“.

И катастрофата во Чернобил и катастрофата во Фукушима во 2011 година се категоризирани како такви. Но, ИНЕС не дозволува нуклеарните настани да се класифицираат на ниво.

- Ако терминот нуклеарна катастрофа не се користи само за да се опишат настани или несреќи во нуклеарни реактори, туку и радиоактивни емисии предизвикани од луѓе, има многу ситуации кога нуклеарната контаминација предизвикана од луѓе е поголема од катастрофата во Чернобил - објаснува Кејт Браун, професорка по наука, технологија и општество на Технолошкиот институт во Масачусетс.

- Да го земеме за пример производството на платониум - вели таа, осврнувајќи се на американските и советските фабрики кои произвеле плутониум во центарот на нуклеарната бомба.

- Тие фабрики создадоа најмалку 350 милиони кири (единица радиоактивност) во околното опкружување. И тоа не беше случајно - додава таа.

- Да ja разгледаме радиоактивната прашина во детонацијата на нуклеарните бомби во текот на нуклеарното тестирање, која беше лоцирана низ целиот свет. Чернобил создаде 45 милиони кири радиоактивен јод, додека Советите и Американците создадоа 20 милијарди кири радиоактивен јод. И овие тестови беа поради дизајн, а не поради несреќа или човечка грешка - вели таа.

1
Фото: Freepik

Дали постојат мутанти во забранетата зона?

Едно од најпопуларните прашања што им се поставува на локалните водичи во областа околу поранешниот нуклеарен реактор е дали има мутанти. Компјутерските игри, хорор-филмовите и книгите го пропагираат овој поим, но тој е погрешен.

Денис Вишневски, раководител на Одделот за екологија, флора и фауна на Резерватот за зрачење и еколошка биосфера во Чернобил, уверува дека никогаш не видел двоглави волци или петоножни глодачи.

- Влијанието на јонизирачкото зрачење може да предизвика одредено преструктуирање во организмот, но најчесто едноставно ја намалува одржливоста на организмот - објаснува тој, давајќи пример на високи смртни случаи на ембриони кај глодачи поради геномски дефекти кои спречиле организмот да функционира. Оние животни што преживуваат во матката понекогаш имаат попреченост, што ги спречува да останат живи во дивината. Вишневски и неговите колеги спровеле истражување на илјадници животни во зоната на исклучување, но не пронашле никакви невообичаени морфолошки измени.

- Зошто? Затоа што секогаш се занимававме со животни кои преживеале и ја добиле борбата за опстанок - вели тој додавајќи дека е тешко да се споредат овие животни со суштества што научниците намерно ги изложиле на радијација во лабораториите.

2
Фото: Freepik

Дали природата преовладува во забранетата зона?


Извештаите наречени „Животот цвета околу Чернобил“ и серии фотографии кои посочуваат дека забранетата зона станала „природен рај“ може да дадат впечаток дека природата закрепнала од нуклеарната катастрофа. Но, Браун, кој 25 години го истражува Чернобил, е категоричен дека ова не е точно.

- Ова е интересна идеја, дека кога човекот ја уништува природата, сè што треба да направи е да се оддалечи и природата повторно ќе заживее. Во реалноста, биолозите откриле дека има помалку видови инсекти, птици и цицачи отколку пред катастрофата. Фактот дека некои загрозени видови може да се најдат во забранетата зона не е доказ за здравјето и виталноста на областа - вели Браун.

Напротив: има значително зголемување на стапката на смртност и намален животен век кај популацијата на животни, со повеќе тумори и имунолошки дефекти, нарушувања на крвта и циркулаторниот систем и рано стареење.

Дури и по 35 години од катастрофата земјата е контаминирана од радијацијата, а една третина од радијацијата се елементи на трансураниум со полуживот од повеќе од 24.000 години.

3

Дали е безбедно за туристите да го посетат Чернобил?


Зоната на исклучување веќе беше магнет за туристите, но во 2019 година годишните бројки се удвоија на 124.000 по успехот на мини-серијата „Чернобил“ на Ејч-би-о.

Државната агенција на Украина за управување со зоните на исклучување воспостави голем број маршрути за туристите да можат да го посетат регионот по копно, вода или воздух. Исто така, подготви голем број прописи за заштита на посетителите, предвидувајќи дека луѓето мора да бидат покриени од глава до пети. Дадоа насоки дека туристите не треба да консумираат храна и пијалак надвор, и секогаш треба да одат по официјалните патишта. Проценето е дека дозата на зрачење добиена во текот на еднодневната посета не надминува 0,1 милисиверт (приближно иста доза на која би бил изложен патник на долг лет од Германија до Јапонија, според германскиот Федерален завод за заштита од зрачење).

Свен Доктер, портпарол на германската организација за нуклеарна безбедност „Глобално истражување за безбедност“, вели дека посетата на забранетата зона нема да предизвика никаква непотребна штета доколку посетителите обрнат внимание на правилата и одат на официјална турнеја.

Дали живеат луѓе во забранетата зона?


Денес, Припјат, затворениот град изграден да служи за нуклеарната централа, каде што живееле вработените во централата, често се опишува како град на духови, како и блискиот град Чернобил.

Сепак, ни едниот ни другиот не биле целосно празни. Илјадници луѓе, обично мажи, престојувале таму, често работејќи во двонеделни смени и осигурувајќи дека клучната инфраструктура на двата града ќе продолжи да функционира. По експлозијата во реакторот број 4, реакторите 1, 2 и 3 продолжиле да работат. Во 1991, 1996 и 2000 година биле затворени.

Во Чернобил има и продавници и најмалку два хотели, кои се главно за деловни посетители.

Исто така, има и голем број неофицијални жители, вклучително и луѓе кои порано живееле во областа и избрале да се вратат. Тие се населиле во селата што биле евакуирани по катастрофата. Точниот број на луѓе е непознат. Кога „Дојче веле“ испрати прашање до Државната агенција на Украина за управување со забранетите зони колку луѓе живеат во Чернобил, официјалниот одговор бил „никој“.

Во 2016 година било проценето дека околу 180 лица живеат во целата забранета зона. Бидејќи тие биле постари, овој број можеби се намалил. И покрај тоа што овие локални жители официјално се толерираат, државата ги поддржува во нивните секојдневни животи. Нивните пензии се испорачуваат еднаш месечно, а на секои два-три месеци се снабдуваат со храна од мобилна продавница.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот