Иван Шамјанок има 93 години и вели дека тајната на долговечноста е во тоа да не го напушташ местото каде што си се родил, дури ни кога твоето село ќе биде затруено од радиоактивен отпад по нуклеарна катастрофа.
По катастрофата во Чернобил, 100.000 луѓе ја напуштија трајно загрозената зона, која се простира по должината на границата меѓу Украина и Белорусија. Белоруското село Тулговичи е на работ на таа зона и е големо колку Луксембург. Дедо Иван со сопругата ја одбил понудата да се пресели и неверојатно е што никогаш не ги почувствувал морничавите последици од радијацијата.
- Засега е во ред. Лекарите дојдоа вчера, ме ставија в кревет, ме проверуваа, мереа. Велат, сѐ е во ред со тебе, дедо - раскажува Шамјанок.
Во неговото село живеела и сестра му со сопругот.
- Тие одлучија да си заминат и набрзо паднаа. Починаа од анксиозност. Јас не сум анксиозен. Малку пеам, седам во дворот, полека работам, баш како што и живеев - раскажува тој.
Дедо Иван открива дека животот не е драстично променет по катастрофата. Тој и неговата фамилија продолжиле да јадат од овошјето и зеленчукот што ги одгледувале и ги задржале кравите, свињите и пилињата поради месото, млекото и јајцата.
Неодамна сопругата на Иван починала, децата се иселиле, а тој и еден негов помлад роднина, кој живее на другиот крај од селото, се единствените што останале.
- Дали ќе се вратат луѓето? Не, нема. Оние што сакаа да се вратат веќе починаа - вели дедо Иван.
Тој секое утро станува во шест, ја слуша националната химна на радио, си пали оган и го затоплува појадокот, а потоа ги храни свињите и кучето. Внуката му доаѓа на гости секоја сабота и тогаш му готви оброци за следната недела и му ја чисти куќата.
Вели дека нема здравствени проблеми, но повремено пие лекови и пие мала чашка вотка пред јадење за да му се отвори
апетитот.