Научниците мислат дека го пронашле одговорот на прашањето зошто некои луѓе ги болат забите кога јадат нешто ладно.
Тие пронашле клетки и сигнали кај почувствителни заби кои детектираат големи падови на температурите и предизвикуваат болка во забите кога луѓето ќе каснат нешто многу ладно.
Луѓето со оштетени заби се посклони кон овие тешкотии затоа што нервните патишта им се соголени.
Овие нови научни сознанија даваат основа за создавање медицински препарати како пасти за заби, гуми за џвакање и лековити ленти за забите, велат експертите.
- Сега кога ги пронајдовме молекулите кои учествуваат во тој процес, можеме да работиме на лекот - вели професорката Катарина Цимерман, која го предводела истражувањето чии заклучоци се објавени во научното списание „Сајенс адвансес“.
Супстанцијата на која лекот треба да дејствува за да се реши проблемот се вика TRPC5, а професорката и нејзиниот тим од Универзитетот во Нирнберг ја пронашле во одонтобластите - клетки на сврзното ткиво кои произведуваат проколаген и предентин, органски компоненти на дентинот, од кој се направени забите.
Одонобластите го сочинуваат слојот кој се наоѓа помеѓу надворешниот, потврд дел на забот и неговата помека внатрешност.
Во надворешната обвивка на забот нема рецептори за чувства, но во дентинот ги има бидејќи тој е врската со пулпата, каде што се сместени нервните клетки.
Ако дојде до заболување на дентинот, одредени стимулуси, како што е температурата, или одредени видови течности може да предизвикаат болка.
Одонобластите на оваа снимка од заби на глушец се означени со зелена боја
Фото: BBC
Научниците ги проучувале забите на луѓето и на глувците за да го проучат механизмот на болката.
- Кај оштетените заби и оние со кариес пронајдовме многу повеќе соголени TRPC5 канали, па поради тоа веруваме дека лентите за заби со блокатори на овие супстанции би можеле да помогнат во лекувањето на болката во забите и хиперсензитивноста - вели Цимерман.
Маслото од каранфилче претставува хомеопатско помагало кое содржи супстанција способна да ги блокира TRPC5, но научниците не препорачуваат користење на масла. Сите што чувствуваат болка во забите, пред сè, треба да се јават на стоматолог.
Блокирањето на болката може да овозможи моментално олеснување, но важно е да се лекува причината, смета професорот Демијен Валмсли од Британската асоцијација на стоматолози. Тој додава дека редовното миење на забите може да спречи заболување на забите.
Професорот смета дека TRPC5 блокаторите во иднина би можеле да се најдат во пастите за заби и други препарати што служат за превенција на болка во забите.
Автор: Мишел Робертс
Извор:
BBC
Насловна фотографија: Freepik