Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
За многумина, презимето Недев претставува синоним за каратето во Македонија. Дејан е водечкото име во фамилијата каратисти Недеви. Самиот епитет „каратист на векот“ што го има добиено уште пред дваесетина години доволно говори за влијанието што Дејан Недев го има врз карате-спортот кај нас. Заедно со неговиот брат Аљоша и сестра му Јадранка, го продолжуваат патот што го трасира нивниот татко Венцислав – дел од првата генерација каратисти кај нас, кој патем сѐ уште е активен.
- Никогаш немало ривалство меѓу нас, напротив, секогаш сме се поддржувале на тренинзите и на натпреварите. Се случувало понекогаш со брат ми да се сретнеме и да бидеме противници на татамито, но секогаш борбите меѓу нас биле фер и витешки, понекогаш тој ме победувал, понекогаш јас, но најважно од сѐ е дека преку тие борби сме учеле еден од друг и сме напредувале заедно - вели Дејан.
Дејан годинава одбележува 30-годишен јубилеј на меѓународната спортска сцена, а листата со неговите постигнувања досега е прилично обемна. Прв позначаен успех му е бронзениот медал на Светскиот шампионат за сениори во 1998 година. Од 1995 до 2001 бил повеќекратен европски младински шампион, во 2002 и 2004 станал европски вицешампион во сениорска конкуренција, а во 2000, 2002 и 2006 година бил светски вицешампион во сениорска конкуренција. Во 2011 година станал европски шампион во кумите-борби за сениори, додека во 2015 стигнал до светската титула во дисциплината фукуго. На европските шампионати во 2016, 2018, 2019, 2021 бил европски шампион во дисциплините кати и фукуго.
Љубовта кон каратето ми ја пренесе татко ми Венцислав
Иако е растен во спортска околина и живеел буквално во зградата каде што и денес се наоѓа карате-клубот „Работнички“, прашање на време било кога Дејан првпат ќе го облече белото кимоно и ќе застане на татамито, односно душеците на кои се вежба каратето. Сепак, и покрај силното спортско влијание од дома, Дејан сам одлучил дека сака да се занимава со карате, првин како забава, а подоцна и професионално.
- Со карате почнав да се занимавам на пет години. Јас, брат ми и сестра ми израснавме во салата на КК „Работнички“, а нашиот татко беше основач и главен тренер на карате-клубот. Откако знам за себе се занимавам со карате. Овој спорт го засакав од мали нозе, а љубовта кон каратето ми ја пренесе мојот татко Венцислав, кој е најзаслужен за сите мои постигнати резултати, како и на успесите на брат ми и сестра ми. Мојот татко е повеќе од 55 години активен во карате-спортот и е единствен активен каратист од првата генерација каратисти, кои почнаа првпат да вежбаат карате во Македонија во 1967 година - вели Дејан.
Жалам што немав можност да настапам на олимпијада
Сѐ почнало во далечната 1993 година кога Дејан го имал својот прв официјален сениорски настап. Во годините, па и децениите што следуваа тој успеа да освои сѐ што можеше да се освои во светот на традиционалното карате, а паралелно со тоа влезе и во тренерските води со цел да се осигури дека карате-штафетата ќе биде достојно предадена.
- На 12-13 години почнав професионално да тренирам и да настапувам за Македонската репрезентација во традиционално карате, а прв мој официјален натпревар беше во далечната 1993 година кога настапив на Европскиот шампионат за сениори во Торино, Италија. Мој главен интерес отсекогаш било каратето. Како мал сакав да станам врвен спортист и да освојувам медали на големите натпреварувања, така што успеав да освојам сѐ, единствено жалам што немав можност да настапам на олимпијада и таму да освојам медал, но тоа не беше до мене. Каратето не стана олимписки спорт, а со тоа е извршена голема неправда на генерации каратисти кои како мене немаа можност да настапат и да освојат медал од олимпијада – додава Дејан.
Повеќе од 20 години е тренер, а од 2018 и доктор на науки
Паралелно со натпреварувачкиот аспект од неговиот живот и фактот што сѐ уште од 3 до 5 часа дневно посветува на личните тренинзи, Дејан му дал уште една, овој пат образовна титула на неговиот спортски живот, откако првин дипломирал, а подоцна и магистрирал на Факултетот за физичка култура во Скопје кај проф. д-р Атанас Кајчевски. Пред три години го комплетира образовниот хет-трик со докторирањето на софискиот универзитет.
- Дипломирав кај проф. д-р Атанас Кајчевски, професор на Катедрата за борачки спортови, основоположник на каратето во Македонија и прв учител на мојот татко. Во 2018 година докторирав на софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ на тема „Истражување на зависностите помеѓу антропометриските показатели, моторните способности и вештини на 15-годишни ученици во услови на настава по физичко образование и спортски воннаставни активности по борачки спортови (карате, џудо, борење и бокс)“. Се одлучив во овој правец затоа што сакав да направам спој помеѓу каратето и науката и да дојдам до одредени сознанија кои подоцна многу ми помогнаа во тренерската работа. Инаку, повеќе од 20 години сум лиценциран тренер и меѓународен карате-инструктор. Морам да кажам дека еднакво ме исполнуваат тренерската работа и натпреварувачката. Она што се обидувам првично да ги научам моите ученици е да бидат упорни, вредни, исполнителни, да се почитуваат меѓу себе, да ги почитуваат постарите зашто само така ќе успеат во животот - вели Дејан.
фото: Приватна архива