X
 26.05.2018 Наука

Зошто НАСА се враќа на Месечината пред да продолжи кон Марс?

Новиот план на НАСА за вселената звучи како враќање во минатото. Имено, агенцијата сака да ги врати луѓето на Месечината, место на кое во периодот од 1969 до 1972 година се прошетале 12 лица.Зошто се враќаат околу 50 години наназад?

Новиот администратор на НАСА, Џум Брајденстајн, истакна дека Месечината ќе помогне во подготовките за Марс.

-Ќе работиме и на Месечината и на Марс и мисиите се поддржуваат една со друга - рече тој.

Половина век е навистина долг период и во тие пет децении отккривме дека Месечината не е сувото, неплодно место каква што мислевме дека е. Најголемото откритие во последните неколку децении? Наоѓањето вода. Да, изгледа има лед во кратерите на површината на Месечината. Ова значи дека би можеле да направиме колонија во близина на ледот и, теоретски, да ја извлекуваме водата за пиење, туширање или чистење.

Има и други чудни нешта кои вреди да се испитаат. Подземните канали за лава можат да послужат како одлични засолништа за луѓето од радијацијата. Месечината има чудна левитирачка прашина која танцува на површината. Кратерите и откорнатите парчиња се лузни од историјата на нашиот сончев систем, лузни кои Земјата би ги имала ако не беа избришани од ветрот, водата и земјотресите. Па со проучување на Месечината всушност можеме да научиме нешто повеќе за формирањето на Земјата.

Месечината е релативно блиску до нас, астронаутите од „Аполо“ успеале да стасаат до нејзе за само два дена по полетувањето. Тоа е навистина добро за итни случаи. Кога се случила експлозијата на еден резервоар со кислород на вселенскиот брод „Аполо 13“ во 1970 година додека астронаутите сѐ уште патувале кон Месечината, сѐ што требало НАСА да стори е да им каже да се вратат на Земјата. Значи, Месечината е добро место за тестирање, а близината дава сигурност дека ако се случи нешто, може да има брзо враќање, а на површината на Месечината може и да се тестира технологија која би била корисна на Марс.

Марс и Месечината не се близнаци, но секоја вежба за живеење во вселената би била корисна за Црвената планета. Марс ќе биде уште поголем предизвик за астронаутите бидејќи е уште подалеку и е планета со песочни бури. Но, може да биде и полесна мисија. Марс има ден кој е прилично исто долг како нашиот 24-часовен. И како луѓе би можеле да се чувствуваме подобро гледајќи во румен пејзаж кој личи на некои пустински зони на Земјата.

Фото: Pixabay

И кога одиме?

Долгорочната цел на НАСА беше мисија на Марс некаде во 2030-ите. Тоа е скап потег, а НАСА гради ракета и вселенско летало наречено „Орион“ кое треба да ги однесе астронаутите таму во следните децении. Но, тоа е скапа мисија.

Некои критичари се загрижени дека ако НАСА се фокусира на Месечината, мисијата на Марс ќе се одложи за неколку години или децении. Оптимист може да помисли дека на Месечината ќе се оди во 2020-ите, но тоа зависи од парите.

Би било убаво да се оди на Месечината додека астронаутите од „Аполо“ сѐ уште се живи за да уживаат во тоа. Има само петмина живи астронаути од вкупно 12 кои стапнале на Месечината. Сите тие луѓе се на возраст меѓу 82 и 87 години.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука