X
 24.08.2017 Технологија

Што е потребно за да се биде астронаут?

Кога ќе прашате дете што сака да биде кога ќе порасне, често го добивате одговорот „астронаут“. Со децении астронаутите ги инспирираат и воодушевуваат луѓето на сите возрасти. Но, што е потребно за да се стане астронаут?

Листата на НАСА со минимум квалификации подразбира поседување диплома и поминување тест за физичка издржливост. Но, само 120 апликанти биле поканети на интервју во 2016 година, од вкупно 18.300 апликации.

Од НАСА велат дека таму има астронаути со различни заднини – ветеринари, доктор, војник и слично. Но, потенцираат дека искуството е она што е најважно. НАСА бара луѓе кои не само што се квалификувани во својата област туку имаат и низа вештини и интереси. Потребни се луѓе со комбинација од вештини, а од голема помош се и дополнителни курсеви. Од НАСА советуваат да аплицираат сите што сакаат, па дури и по цена многу пати да бидат одбиени, бидејќи секоја селекција бара различен сет на вештини.

Храброст, харизма, фитнес, трпение, амбиција и смисла за хумор се само неколку од квалитетите што НАСА ги бара кај еден астронаут. Пријателски настроен однос и шегување е повеќе од добредојдено на интервјуата. Од НАСА велат дека позитивниот впечаток е многу важен во целокупниот процес на селекција. Исто така, потребно е астронаутите на НАСА да знаат да зборуваат руски јазик.

Експертите советуваат дека треба што порано да се започне со совладување на вештините. Да се одржува телото здраво и да се учи да се донесуваат тешки одлуки, а се разбира и да се држите до нив. Учењето повеќе јазици е пожелно, учење да се лета, да се нурка, медицински тренинг. Нема специфичен и единствен пат за да се стане астронаут. Најдоброто што може да се направи е постојано да се стекнуваат нови вештини. Психичката стабилност и добрата форма се исто така многу важни, според експертите. Потребни се и силна основа во науката, психолошко добро здравје, флексибилност, ориентираност кон тимска работа и подготвеност за соочување со нови предизвици.
Подготвил: Маја Пероска

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија