X
 03.03.2020 Здравје

Коронавирусот го менува начинот на кој се поздравуваат луѓето

Некои луѓе во светот се ракуваат. Некои се гушкаат. Некои си ги тријат носовите, а некои (всушност, многумина) се бакнуваат во образ. Но, откако коронавирусот се прошири во светот, луѓето размислуваат како да се поздравуваат.

Токму тоа го направи и германскиот министер за внатрешни работи кога одлучи да не се ракува со канцеларката Ангела Меркел.

Светската здравствена организација објави неколку мерки за заштита за да се избегне ширење на коронавирусот. Тие вклучуваат често и длабинско миење на рацете, социјално дистанцирање (држење на оддалеченост од барем еден метар од луѓе што изгледаат болни) и недопирање на очите, носот и устата.

Некои земји објавија и поспецифични препораки. На пример, властите во Обединетите Арапски Емирати ги повикаа жителите да прекинат со поздравувањето со триење на носовите - традиционален начин за поздравување меѓу мажите на Арапскиот Полуостров.


Во Египет се појави и стих: Не се ракуваме, не се бакнуваме, вирусот не го шириме. Бакнувањето во образ е често меѓу мажите, а неретко и меѓу маж и жена, во оваа земја и во останатиот дел од арапскиот свет.

Од Иран доаѓаат снимки на кои може да се видат мажи со хируршки маски како си ги допираат нозете наместо да се поздравуваат на вообичаен начин, со цел да го избегнат непотребниот контакт. Службите предупредија и против бакнување на религиозни објекти, иако некои верници ги игнорираат предупредувањата.

Во делови од Европа исто така може да се види како луѓето кога се поздравуваат се бакнуваат во образ. Но, францускиот министер за здравство неодамна предупреди против бакнувањето, додека неговиот швајцарски колега препорача целосно избегнување на оваа практика.

Ракувањето и бакнувањето се користат и во Азија, а со тоа и во Индонезија, четвртата најнаселена земја. Индонезиските власти препорачуваа поздравување во стил на намасте. И во Сингапур има препораки за мавтање, поздравување со лактите и намасте како алтернативи на ракувањето и бакнувањето.
Извор: Quartz
Насловна фотографија: Pexels
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје