X
 26.05.2024 Наука

Дали позитивното размислување е грешно?

Две студии објавени минатата година фрлаат сенка на моќта на позитивното размислување и избегнувањето на негативните емоции. Ова размислување е малку изненадувачко имајќи предвид дека светот на бизнисот во најголема мера се храни со оптимизам и позитивен самоговор.

„Ти го можеш тоа!“, „Можам да го завршам тоа навреме!“, „Можам да го преживеам овој работен маратон!“, се само некои од мотивирачките пораки што се промовираат. На краток рок, луѓето во деловниот свет ја бранат моќта на поставувањето цели и нивната реализација. Многу бизниси се започнати во налет на оптимизам, а претприемачките приказни се преполни со херои кои и покрај многуте предизвици, успеале со позитивна мисла и намера да дојдат до врвот. Каде би бил Стив Џобс без чувството на оптимизам и решителноста да продолжи да работи?

Допирот на песимизмот

Тогаш, што не е во ред со оптимизмот? Првата студија покажала дека допирот на песимизмот е знак за повисок коефициент на интелигенција и поголем реализам кога се во прашање финансиите и шансите за успех при започнувањето нов бизнис. Како што забележува д-р Крис Досон, водечки автор на студијата, ниската когнитивна способност води до повеќе самоласкави предрасуди - луѓето во суштина се залажуваат себеси. И како тоа да не е доволна шлаканица за оптимистите, Досон продолжува:

- Шансите за започнување успешен бизнис се мали, но оптимистите секогаш мислат дека имаат шанса и започнуваат бизниси кои се предодредени да пропаднат.

Па така, во сиот оптимизам, деловните луѓе можеби треба да додадат и малку реализам или дури и песимизам со цел да се одржуваат во вистинската насока.

Одговор на негативните емоции

Другата студија е уште поинтересна. Очигледно тие досадни негативни емоции ќе продолжат да се појавуваат затоа што сме луѓе и не можеме да не реагираме на работите што нè иритираат, вознемируваат, алармираат, огорчуваат, нервираат или разгневуваат.

Она на што се фокусирала втората студија е нашиот одговор на тие негативни емоции. Ако ги оцениме нашите негативни емоционални одговори како погрешни или несоодветни, тогаш поголема е веројатноста да имаме анксиозност и депресија. Од друга страна, ако ги прифатиме негативните емоции како нормален дел од животот, тогаш поголема е веројатноста да ги доживееме корисните страни на тие чувства. Гневот може да биде корисен кога ни се нанесува неправда, анксиозноста може да нè предупреди за предизвиците во околината со кои треба да се справиме, а стравот може да ни даде до знаење дека треба да внимаваме на опасностите.

Како збир од сето ова, овие студии ни помагаат да препознаеме дека иако оптимизмот може да биде од суштинско значење за да се стартува со нешто, сепак, здравата доза на реализам може да биде добар чекор кон спречување на претерувањето со „нереалните“ прогнози. И прифаќањето на фрустрациите кои природно доаѓаат со подемите и поразите во деловниот живот, конкретно во форма на нашите сопствени негативни емоции, ќе ни помогне понепречено да се движиме во работниот живот. Емоциите се знаци, индиции дека нешто не е во ред или, пак, е во ред во моментот, па затоа е добро да се обрне внимание на нив - без осудување.

Извор: Psychology Today

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука