X
 26.07.2018 Технологија

Во наредните две децении океаните ќе бидат исчистени од пластиката?

Фондацијата „Опен клинап“ планира од океаните да отстрани 90 проценти од пластичниот отпад. За таа цел, таа ќе користи „џиновски“ систем на цевки кој со помош на енергијата од брановите и ветрот ќе го „јаде“ пластичниот отпад.


Пластика во океан
(Фото: Pixabay)


Купиштата ѓубре од пластика се една од најголемите опасности за животинскиот свет во океаните, а сега научниците планираат да се борат против тоа со помош на џиновски „Пакмен“.

Челниците на фондацијата деновиве го открија дизајнот на овој систем, кој е долг 600 метри, а се планира да биде поставен во Тихиот Океан. Станува збор за цевка која стои на површината на водата, а под неа се наоѓа три метри длабок појас што ја лови пластиката.

Овој систем ќе се движи автономно, со помош на енергијата од брановите и ветрот.

Најновата верзија на нивното решение е кулминација на истражувањето, кое траеше пет години.

Директорот на фондацијата, Бојан Слат, истакна дека планираат до крајот на оваа година да го доведат системот до големиот куп од ѓубре на Пацификот.

Станува збор за најголемата акумулација на ѓубре во светот, а се планира бродовите да доаѓаат во интервали од неколку месеци до оваа цевка и да го преземаат собраното ѓубре за да го однесат на рециклирање.




Се проценува дека тоа подрачје е со големина од приближно 1,6 милион квадратни километри, што е површина колку три Франции.

Затоа и нивната процена е дека би можеле до 2040 година да отстранат околу 90 проценти од пластиката што е фрлена во океаните.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија