X
 10.04.2018 Образование

Како Сингапур ги доби најдобрите математичари?

Според резултатите од тестовите на ПИСА, најдобрите математичари во светот доаѓаат од Сингапур.

Оттука, не е чудо што „сингапурскиот метод“, познат и како „мајсторски пристап“, се проширил низ целиот свет.

Дури и Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“ и најбогат човек на светот, во договор со својата сопруга одлучил нивните деца да ги учат математика по примерот на нивните сингапурски врсници.

„Сѐ имаме пробано, вклучувајќи и часови според мандарински и сингапурски метод“, рекла Мекензи Безос.

Сингапурскиот метод е исклучителен, но истовремено е и мета на остри критики од страна на стручните лица во образованието.

Некои наставници одлучиле поединечни елементи од овој систем да ги поврзат со западни методи што вклучуваат „слободна и креативна визија“.

Во Соединетите Американски Држави „сингапурскиот метод“ стекнува сè поголем број приврзаници, а тие тврдат дека постигнуваат исклучителни резултати.

„Програмите за наставата по математика во основните училишта во неколку држави се засноваат на овој модел“, изјавил за Би-би-си американскиот професор Кевин Махони, кој го користи токму овој метод и обучува наставници да го предаваат.

А зошто сингапурските деца се толку успешни на тестовите по математика?

„Тоа е комбинација од програми, педагогија и култура“, тврди Махони.

Клучни елементи на сингапурскиот метод

Методот е развиен кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, а наставниците работат во тимови и користат разни предмети и материјали.

Намерата е процесот да се насочи кон решавање на проблемите и разбирање на логичкото расудување, наместо меморирање на процедурите за да се стигне до резултатот.

Децата учат врз основа на таканаречениот КСА-принцип: конкретно, сликовито и апстрактно.

Терминот „мајсторство“ се користи во смисла на барање решение без насочување на „подготвувањето на испитот“.

Учениците користат предмети, фотографии и симболи за да направат модели на проблемите, како и блокови во различни бои кои претставуваат идеи, на пример – операцијата множење.

Често се користат цртежи и дијаграми, па дури и звуци.

Математичарот Јип Бан Хар, еден од водечките експерти за „сингапурскиот метод“, вели дека предметите им помагаат на децата да истражуваат разни идеи додека совладуваат некој концепт.

„Наместо да учат напамет операции, децата учат да мислат како математичари“, напиша Андреас Шлајхер, директор за образование во Организацијата за економски развој и соработка (OECD).

Програмата има малку елементи, но сите се изучуваат темелно. Теоретски, сите деца би требало да напредуваат со иста брзина бидејќи учениците преминуваат на изучување нов концепт исклучиво откако претходниот ќе го совладаат сите заедно.

Истражувања на Лондонскиот универзитетски колеџ и Универзитетот „Кембриџ“ покажале дека со помош на овој пристап многу брзо се совладува математиката.

Меѓутоа, методот не е општоприфатен.

„Нема докази дека сингапурскиот пристап е најдобар“, вели за Би-би-си Џим Џерим, истражувач на Педагошкиот институт при Лондонскиот универзитетски колеџ.

Тој објаснува дека некои докази се во прилог на тоа дека е „малку поефикасен од класичната настава во некои западни земји, како што е Англија“.

„Меѓутоа, таа разлика е прилично мала, а допрва треба да ги видиме долгорочните последици од користењето на овој модел“, додава тој.

matematika
Фото: Freepik

Сингапур во вашиот дом

Во западниот свет некои елементи на сингапурскиот модел се користат во училиштата, но и дома.

На пример, на родителите им се препорачува да ги поттикнуваат децата на разговор за тоа како заеднички успеале да го решат проблемот, да дискутираат за процесот, грешките и успесите, како и да разменуваат идеи.

Целта е проблемот да го вербализираат користејќи цели реченици, како и цртежи и куќни предмети. Притоа, улогата на родителите е да го препознаат напорот што децата го вложуваат за да дојдат до целта, а не само за да ги одведе до резултатот.

Освен тоа, се сугерира истиот предмет на размислување да се согледува од различни агли и да се бараат различни патишта кои водат до истата цел.

Егалитаристички пристап

Во Азија, особено во Кина, се користи „шангајски мајсторски метод“, кој е многу сличен со сингапурскиот.

На часовите се работи на конкретен математички концепт, па по линеарна прогресија се преминува на посложени идеи.

Децата не се групираат според интелектуалните способности, туку заедно работат на проблемот додека сите не го совладаат.

Во другите земји учениците се поттикнуваат што побрзо да го усвојуваат материјалот, со што би се издигнале над просекот. 

Некои го критикуваат азискиот модел на еднаквост затоа што ги обесхрабрува надарените ученици.

Меѓутоа, приврзаниците на „сингапурскиот модел“ велат дека класичниот пристап, кој ја ограничува комуникацијата меѓу учениците, е традиционалистички, безличен и крут.

Генерално се водат жолчни дискусии, особено затоа што образованието се поместува кон развој на вештини како што се критичко и креативно мислење, групна работа и развој на социјални вештини во слободно и интерактивно опкружување.

Една од темите е и тоа што родителите во некои азиски земји на децата им плаќаат приватни часови по часовите во училиште, за разлика од земјите како Финска, каде што во пониските одделенија акцентот се става на играта.

Тоа во Сингапур не се случува: таму родителите кои можат да си дозволат на своите деца им плаќаат приватна настава.

Ако се тргнат настрана културните и политичките разлики, факт е дека „сингапурскиот метод“ ги преминал државните граници и дека неговите елементи се вградени во разни, понекогаш и многу различни образовни системи.

Фото: Freepik
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование