Како ќе се реализираат првите корона-уписи на УКИМ, што се случува со ваучерите за апсолвентските екскурзии, кога слетал првиот патнички авион во Скопје и кој е параглајдеристот што руши рекорди во Македонија... Ова се дел од текстовите што ги објавивме минатата недела.
Во својата редовна колумна
професорката Елизабета Секирарска напиша:
„Годината заврши во облик кој умееме сега, после сѐ, да го наречеме „каков-таков“ давајќи му примеси на здив на олеснување што конечно заврши, реално свесни дека ги знаеме пропустите, добрите страни и она најважното, ефектот од онлајн-наставата врз учениците. Без оглед на тоа дали се ставаме во улога на креатори-апологети кои инсистираат на ставот дека сѐ беше беспрекорно и изводливо (поаѓајќи од видикот од сопствениот прозорец, од кој тешкотиите на другите не се здогледуваат), во улога на напаѓачи-реализатори за кои само она што се дефинира како негативен ефект е видливо (поаѓајќи од личните тешкотии од кои можноста да се успее исто така не е здогледлива) или, пак, во улога на реално одмерен чинител-реализатор кој имал проблеми и ги посочува токму со тоа име, притоа дефинирајќи што е она што успева да исплива на површина макар и како редок позитивен ефект, а може да се искористи како дел од градбата на онлајн-фундаментот за наредната учебна година“.
Разговаравме и со студенти околу нивното искуство со ваучерите за патување кои ги добија во замена за парите што ги
уплатиле за апсолвентските екскурзии.
Група студенти велат дека се оставени на цедило и немаат поддршка од државата да им се вратат парите уплатени за традиционалната апсолвентска екскурзија која не беше реализирана поради пандемијата на Ковид-19. Тие велат дека со Уредба на Владата агенциите им издаваат ваучери од вкупната уплатена сума, а не само дел од реалните трошоци како што беше најавувано пред вонредната состојба. Упатените во работата на туристичките агенции, пак, велат дека апсолвентските екскурзии се најмал проблем. Ако државата ја укине помошта за овој сектор, најпогоден од кризата, 90% од туристичките агенции ќе одат под стечај. Граѓаните нема да можат да ги искористат ниту ваучерите за кои во моментот гарантира државата.
За скопјанецот Александар Гацевски, летањето со параглајдер е страст што го води во животот. Пред десетина дена тој оствари голем сон, го сруши македонскиот рекорд во летање со параглајдер. Успеа да прелета 147,6 км. Водно, Матка, Осој, Сува Гора (покрај Гостивар), Добра Вода (покрај Кичево), Македонски Брод, Мушица, Крушево, Битола и грчка граница - ова беше неговата маршрута.
Но, само што ја објавивме неговата приказна, тој си го сруши сопствениот рекорд.
Александар Гацевски
Работата со виното е стил на живот. Љубовта кон виното и желбата за промоција на македонските вина ме предизвикаа да се вклучам во винскиот туризам, вели
Сашко Атанасов, одговорен за вински туризам во винарницата „Шато Сопот“.
Со него поразговаравме за убавините на оваа професија, но и за податливоста на нашата земја за развој на винскиот туризам и воопшто културата на пиење вино.
- Секојдневното учење, комплексноста на виното, влијанието на подрачјето, различните стилови на производство, истражувањето на нови вкусови. Секое вино е посебно на свој начин, идеално е кога е комбинирано со соодветна храна и претставено на адекватен начин. Тоа е вистинскиот предизвик! - вели Атанасов.
Сашко Атанасов
Во редовната рубрика Дали знаете одговоривме на едно многу интересно прашање. Сте се запрашале ли некогаш од кога во Македонија луѓето почнале да патуваат со авион? Кога на наша почва воопшто слетал авион? Првиот аеродром, всушност, бил изграден во 1928 година, на 3 км оддалеченост од центарот на градот (денешна населба Аеродром). Тоа било по 25 години од првиот историски лет на браќата Орвил и Вилбур Рајт, кои на 17 декември 1903 година го реализираа првиот историски лет.
Првиот авион што пристигнал на аеродромот во Скопје (извор: Википедија)
Aеродромот во Скопје имаше меѓународна класификација, а се користеше само за дневни домашни и чартер-летови. Пред Втората светска војна, во периодот од 1935 до 1936 година, покрај аеродромот во Скопје во употреба бил и аеродромот во Битола, стои на „Википедија“.
Кратката проза со наслов „Цимет“ е првообјавено дело на Ребека Таири, кое го објави ПНВ Публикации од Скопје во март годинава. „Пишувањето е интимен разговор со сопственото битие, соочување со демоните во себе, помирување со тоа дека се тука и дека се дел од бесмртноста на писателот“, вели Таири, која љубовта кон пишувањето ја развива уште во средношколските денови во гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Tаири, која е родена во Скопје во 1982 година, подоцна образованието го насочува кон правото, односно кон политичките науки. Последните пет години живее во Швајцарија.
Ребека Таири
Секој што сака да студира на
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ годинава ќе може да поднесе документи за упис од дома. Првпат пријавувањето ќе се спроведе со скенирање на бараните документи, кои секој кандидат ќе треба да ги прикачи онлајн во систем кој во моментов се создава и надградува. Нема веќе да има турканици на факултетите.
Свидетелствата од сите учебни години во средно образование, изводот на родени, државјанството и другите потребни документи секој кандидат ќе треба да си ги скенира, а потоа да ги стави во системот. Тој ќе биде ист за сите факултети за да нема разлики во начинот на пријавување, а на него деновиве работат професорите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).