X
 26.07.2021 Живот

Пет работи важни за среќа во животот според Карл Густав Јунг

Карл Густав Јунг, швајцарски психијатар и основач на движењето познато како аналитичка психологија, верувал дека главната мисија во животот е да станете тоа што навистина сте. Според него, индивидуализацијата е процес на добивање ментална слобода која ви овозможува да живеете без страв и да го манифестирате тоа што го сакате.


Фото: Карл Густав Јунг/Wikipedia

Од неговите дела може да се научи дека среќата не се брка бидејќи така се постигнува спротивен ефект. Меѓутоа, тој вели дека мора да се работи за да се постигне апсолутна среќа, иако треба да разбереме дека среќата е производ на едноставни работи. За Јунг, за среќа се важни следните предуслови.

Физичко и ментално здравје

Овие поими се меѓусебно поврзани. Впрочем, Јунг верувал дека психологијата е единствената наука која може да го спаси човекот и да го процени неговото здравје. Меѓутоа, тој не верувал дека главна цел на психологијата е лекувањето ментални нарушувања, туку на неа гледал како на средство за самоостварување и дефиниција на целите на личноста.


Фото: Pixabay

Добри односи

Погрешно е да се живее изолирано од другите. На човекот му се потребни пријателства, блискост, сигурност и љубов. Важно е да комуницирате со некого, да споделувате идеи и ставови, да добивате нови видици, да научите да се грижите за некој и некој да се грижи за вас.

Способност за гледање на убавото во уметноста и во природата

Уметноста е производ на културата што ја создал човекот, а секое уметничко дело ја содржи суштината на уметникот. Креативните лица вложуваат емоции, креативност, иновација и вештина во нешто што Јунг го нарекол колективна несвесност. Мора да знаете да го цените ова, а истото важи и за природата. Сите сме деца на природата, а секое суштество и место на планетата може да понуди убаво искуство.


Фото: Pixabay

Негување на верата и душата

Според Јунг, среќата е невозможна без духовната компонента. Без оглед на тоа дали станува збор за религија или филозофски правец, верата може да послужи како темел на вашата благосостојба. Таа му дава содржина и значење на секое искуство и го исполнува вашето постоење со смисла и цел.

Интересна работа

Јунг многу зборувал за тоа дека како дете сакал да биде археолог, но животот го однел во друг правец. Меѓутоа, тој останал фасциниран од историјата, антропологијата и секогаш сакал да „копа длабоко“ во проучувањето на човекот. Некогаш не можеме да ја смениме работата или да направиме да ни биде интересна, но доколку се потрудите да ги донесете вистинските одлуки во кариерата, земајќи ги предвид сите цели, наоѓањето интересна работа ќе биде пореално.

Извор: DDL
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот