X
 03.01.2020 Живот

Траект на кој Данците и Швеѓаните со децении прават заеднички забави

Дали се нишам јас или бродот? Не можам да проценам. Овде, на широчината, во барот на траектот што патува од Данска до Шведска, и потоа назад, криењето на сопственото тетравење од алкохолот е многу лесна задача.

И додека ја преминуваме Уресундската теснина и се приближуваме до Шведска, го насочувам погледот кон пристаништето Хилсингборг, гледајќи ги остатоците од средновековната архитектура веднаш до модерните функционалистички структури. И бидејќи јас сум дански државјанин и го заборавив пасошот, нема да можам да го напуштам траектот тука.

Овој паб што крстосува по морето не е обичен паб и тоа е очигледно. Овој паб ѝ припаѓа на поморската превозна компанија „Сандбусерн“. Таа нуди алтернатива за помали димензии за сите оние што инаку би патувале со некој од големите траекти на компанијата „Скандлајнс“.

Овој брод со скромна големина цел ден плови помеѓу двата града - Хелсингборг во Шведска и Хелсингур во Данска. Возењето во еден правец трае само 20 минути, а има линија до десет навечер. Сепак, многу патници се качуваат на траектот не за да стигнат од точка А до точка Б - туку за да се забавуваат.

1

Купив дневен билет што чини 10 евра и сега сум тука за да набљудувам каква е атмосферата кога Данците и Швеѓаните се среќаваат на неутрален поморски терен. Ова е место каде што се обединуваат културите околу пивото, колбасите и песните на групата АББА.

- Се возам со траектот во петок и во сабота по работниот ден, веќе 20 години. Се качувам во пет часот попладне, пијам и танцувам, а потоа слегувам околу девет часот навечер во Хелсингборг - вели 71-годишниот Швеѓанец Ленарт Петерсон.

Една госпоѓа во кожени панталони кима со главата на „Proud Mary“ што следеше по песната „Dancing Queen“ на АББА, па „This Is My Life“ на Ким Ларсен.

- Секогаш се дружам со Данците на овој брод. Данците знаат да пијат. Мене не ми е важно од каде доаѓаат - сите сме браќа, Наздравуваме едни со други и си поминуваме одлично - вели Швеѓанецот Глин Зилрен. Тој на овој брод првпат се качил во 2010 година.

- Ние сме како постари браќа на Данците, така што тие имаат комплекс на помлад брат - вели Пер-Ерик Хенингсон, кој потекнува од Шведска.

И така разговорот се сврте кон политика.

Разговараат за данскиот премиер, кој има строг став кон бегалците и имигрантите. Швеѓаните, пак, повеќе го сакаат него отколку сопствениот премиер.

Малку е иронично што разговараме со Швеѓаните, кои се скептични кога станува збор за имиграцијата. Некои стереотипи за Данците се дека тие се горди и националистички настроени. Швеѓаните често ги обвинуваат своите јужни соседи за сексизам, како и за некои чувствителни теми, на пр., голотија во јавност.

Од друга страна, Данците ги сметаат Швеѓаните за политички коректни и сметаат дека се наивни кога станува збор за пуштањето голем број мигранти во нивната земја.

Жителите на Копенхаген често се шегуваат за „пијаните Швеѓани“ затоа што доаѓаат во данската престолнина само за да се испијанат. За разлика од Шведска, во Данска смее да се пие на улица и речиси нема продавница во која нема да го најдете омилениот пијалак. Дури и ретко проверуваат лични карти. Токму поради тоа, на овој брод има повеќе Швеѓани отколку Данци.

Дорте Петерсон вели дека обожава да патува со траект.

- Атмосферата е убава и има музика во живо во викендите. Подобри отколку да седите во некој стар паб - вели нејзиниот сопруг Михел.

Траектот првпат отпловил во 1958 година. Тогаш се користел како прекуграничен превоз. До пред неколку децении овој траект не бил толку весел.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот