X
 26.08.2019 Живот

Верувале или не, некои луѓе се среќни поради климатските промени

Деновите на рибарството во Магдебург им донесоа на германските рибари вести кои навидум се добри: поради промената на климата, во ладното Северно Море сѐ почесто може да се видат риби што инаку живееја само во топлите води. Станува збор, пред сѐ, за сини риби, какви што се сардините.

- Но, таму сега има дури и туна - истакна Уве Рихтер, претседател на Здружението на германски риболов во длабоко море.

Ако нивното доаѓање продолжи со таа брзина, наскоро ќе дојде момент кога ќе биде возможно и нивно комерцијално ловење.

И во морето пред Бретања има сѐ повеќе скуша, но и традиционални риби од Северното Море, како што е бакаларот. Заклучокот на Рихтер гласи: климатските промени се сериозен проблем, но не мора сите последици да бидат негативни. Тоа е музика за ушите на германските рибари, кои повеќе од половина век знаат само за намалување на флотите и сѐ помали квоти на риби кои е дозволено да се ловат.

Нема да има никакво чудо

Добрите стари времиња, нормално, нема да се вратат - тоа им е јасно на сите. Новиот број на германското списание „Маре“ е посветен на харингата, која некогаш преку теснината меѓу Данска и Шведска во толкав број влегуваше во Балтичкото Море на мрестење што можеше да се фати со рака. Има записи и дека веслачите не можеле да ги спуштат веслата во морето поради толку многу риби. Но, тоа било некаде во 11 век и оттогаш многу работи се променети. Цели некогашни рибарски населби на северот од Германија денес живеат само од туризам.

И додека постојано може да се слушне нешто за испразнетото Северно Море, Германците истовремено јадат сѐ помалку месо, а сѐ повеќе риба. Како што можеше да се слушне во Магдебург, во 2018 година биле 14,4 килограми годишно, што е за 300 грама повеќе отколку во 2017 година. Всушност, по правило Германците јадат риба во рестораните и таа претежно е увезена од далечни мориња, а не домашна. Сепак, германските рибари во таа миграција на рибите гледаат шанса и за сопствена егзистенција.

Од друга страна, борците за заштита на животната средина се згрозуваат од тоа. Се повикува на внимателност за со новиот улов да не се загрози целиот морски биотоп.

А кога станува збор за радоста поради доаѓањето на рибите од потоплите мориња, рибарите и не би требало да се радуваат прерано. Дури и ако претходно не ги иструеме со нашите отрови и пластика, допрва треба да се види како климатските промени ќе се одразат врз алгите и микроорганизмите во Северното Море. Значи, тешко е да се дадат какви било прогнози. Затоа Тило Мак, активист на „Гринпис“, ги повикува потрошувачите да јадат риба само во посебни пригоди.

Реките и езерата трпат поради промените

Германските риболовци на конференцијата разговараа за уште еден проблем: за инвазивните видови што најдоа пат и во германските води. Тука посебно се истакнува кинескиот рак Eriocheir sinensis, но и азискиот од фамилијата Pacifastacus leniusculu. Рибарите уочија дека тој улов може лесно и добро да помине во азиските ресторани во Германија. Заклучокот е дека никој не може да им забрани бизниси во кои не се знае кој се радува повеќе: рибарите или Кинезите, сопственици на ресторани кои добиле специјалитет од татковината. Сепак, би требало активно да се работи на елиминација на тие видови кои во германските краишта често немаат природен непријател освен човекот.

И додека морските рибари се задоволни од климатските промени, многу полошо расположение владее меѓу оние што се насочени кон слатководната риба. Рибарниците се тука и добро работат, но дивите реки и езера трпат поради непредвидливото време и честите периоди на долги суши.

- Нема ни снег кој би се топел и редовно би ја освежувал водата - се предупредува.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот