Досега се сметаше дека една од најрано родените личности во историјата која била снимена со камера била Ребека Кларк, родена во 1804 година, а првпат била снимена во 1912 година. Според податоците, нејзината снимка била направена откако таа наполнила 108 години.
Меѓутоа, интернет-страницата
kottke.org објави статија во која пишува дека најрано родената личност која била снимена со камера сепак би можела да биде Деспина Манаки. Имено, снимката ја направиле браќата Манаки, кои се првите камермани на Балканот и пионери на светските фотографија и филм.
Браќата започнале да работат заедно во 1898 година. Во мемоарите на Милтон Манаки читаме дека неговиот постар брат во 1905 година патувал во неколку европски градови и во Лондон купил филмска камера која ја нарекол „Камера 300“ според серискиот број на неа.
По враќањето дома, браќата ја снимиле својата баба Деспина. Црно-белата снимка трае 60 секунди и се работи за првиот филм снимен на подрачје на Балканот. Според податоците од мемоарите на браќата, нивната баба во времето на снимањето имала 114 години, што значи дека била родена во 1791 година.
Записот на браќата е единствен доказ за годините на Деспина, но многумина тврдат дека тоа не е веродостоен доказ. Сепак, други тврдења сè уште не биле докажани.