X
 03.12.2019 Наша тема

Ќе има ли нова проверка на звањата на функционерите? Антикорупциска побара одговорност за инспекторот Африм Саљиу

Констатирана е состојба на судир на интереси при извршувањето на вонредниот инспекциски надзор од страна на Африм Саљиу, но од „Левица“ ќе бараат и поништување на неговите решенија во кои е утврдено дека нема незаконско унапредување на тројцата функционери


Државната комисија за спречување корупција, која констатирала судир на интереси при извршувањето на вонредниот инспекциски надзор на Тетовскиот универзитет околу законитоста на наставно-научните звања на тројцата државни функционери (Арбер Адеми, Сафет Емрули и Агим Нухиу), доставила Иницијатива за поведување постапка за утврдување одговорност за инспекторот Африм Саљиу до Инспекцискиот совет.

Претставката до Антикорупциска ја поднесе политичката партија „Левица“, а претставка поднесе и инспекторот Ѓорѓи Илиевски. На Илиевски во септември му одговорија дека се ненадлежни во делот за наводното незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата државни функционери, но утврдиле состојба на судир на интереси кај едно од службените лица –државен просветен инспектор кој го извршил вонредниот инспекциски надзор на Тетовски во јуни оваа година.

Во известувањето до „Левица“, Антикорупциска пишува дека веќе постапува по предмет со истите наводи против инспекторот Африм Саљиу:
„Констатирана е состојба на судир на интереси при извршувањето на вонредниот инспекциски надзор од страна на лицето Африм Саљиу, бидејќи службеното лице имало приватен интерес што може да влијае врз непристрасното вршење на неговата службена должност, односно истото лице било должно да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес и за тоа да го извести својот претпоставен согласно член 72, став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, а доколку се сомневало за постоење судир на интереси во конкретниот случај, лицето е должно да побара мислење од Државната комисија согласно член 72, став 3 од истиот закон“, пишува во известувањето.



Државната комисија му изрекла и глоба во износ од 500 евра на Саљиу бидејќи го прекршил член 75 став 1 од ЗСКСИ, а казнив по член 107 став 1 од истиот закон.

Антикорупциска утврдила дека блиско лице на инспекторот, односно неговата ќерка е вработена како асистентка на Државниот универзитет во Тетово, но тој не побарал да биде изземен од вршење на вонредниот инспекциски надзор.



Инаку, токму на овој вонреден инспекциски надзор извршен од страна на Државниот просветен инспекторат на Тетовскиот универзитет е утврдено дека функционерите Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули законски напредувале во наставно-научни звања, спротивно на претходниот инспекциски надзор на инспекторот Ѓорѓи Илиевски. Адвокати тврдеа дека вонредниот надзор е вршен согласно новиот Закон за високо образование, што е противуставно бидејќи законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство.

Прашањето што сега се поставува е кога повторно ќе се проверат звањата на овие инспектори бидејќи првичните решенија на Илиевски се укинати, а вонредниот надзор го правел инспектор за кој е утврдено дека имал конфликт на интереси?
Ова прашање го упативме и до Државниот просветен инспекторат, од каде што чекаме одговор.
Од „Левица“, пак, ни изјавија дека ќе поднесат приговор на одлуката на Антикорупциска бидејќи не се укинати решенијата на инспекторот Саљиу.
- Антикорупциска комисија бара од Инспекциски совет да поведе постапка за инспекторот Саљиу, но не ги поништила неговите решенија. Во ваков случај, кога е утврден конфликт на интереси, сите одлуки на инспекторот се ништовни. Тоа треба да го има во извештајот - ни изјавија од „Левица“.
Дали Инспекцискиот совет отворил постапка за Саљиу, каква е процедурата при ваквите случаи и што ќе се случи со неговите решенија се прашања што ги упативме и до Советот. И оттаму не добивме одговор.

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски пред две недели исто така доставил официјално барање до Инспекцискиот совет да му одговорат до каде е постапката за инспекторот Саљиу. Му одговориле дека постапката се води и е во тек.
Откако го обелодени случајот со звањата на функционерите, инспекторот Илиевски води постапки за овој случај во неколку институции. Вчера доби одговор од собраниската Aнкетна комисија за човекови права која се прогласи за ненадлежна да одлучува за неговиот случај со мобингот на работното место. Комисијата донесе заклучок дека Илиевски треба да бара судска заштита за мобингот.

Илиевски веќе има поднесено кривична пријава до Основното јавно обвинителство против директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема