X
 26.09.2021 Живот

Дали милениумците се најбаксузна генерација?

Тие станаа лесна цел за мемиња и погрдни коментари поради наводниот „неуспех“, „мрзливоста“ и зависноста од родителите. Но, експерт за Би-би-си вели дека би било грешка така да се отпише оваа генерација.

Тоа е првата генерација што од рана возраст живее со компјутери, паметни телефони, интернет и глобален проток на информации.

Имаа големи очекувања за себе: со повеќе години образование во споредба со нивните родители и социјално разновиден состав, милениумците (родени помеѓу 1981 и 1996 година) сонуваа за поголем просперитет и глобално влијание. Меѓутоа, меѓународните анкети покажуваат дека милениумците имаат поголеми долгови отколку нивните предци и дека, во просек, им е потребно подолго време за да го напуштат родителскиот дом или да достигнат традиционални прагови во животот на возрасните, како што се купување имот или автомобил.

Ова несовпаѓање помеѓу очекувањата и реалноста ги направи милениумците цел на мемиња и погрдни коментари на социјалните мрежи поради нивниот наводен „неуспех“, „мрзливост“ и поголема зависност од нивните родители.

За да бидат работите уште полоши, тие сега добиваат презриви погледи од генерацијата З, онаа што ги наследи и вели дека милениумците генерално им предизвикуваат „пренос на непријатности“.

Но, што не беше во ред со милениумците и дали тие навистина пропаднаа?

„Неправедно обвинети“

Одговорот на многу истражувачи е, пред сѐ, дека вината не лежи во оваа генерација.

- Милениумците пораснаа во раните денови на паметните телефони и општата поврзаност. Така,  тие се најдоа во вистинско време на вистинско место за да добијат одлични идеи за сопствената улога во светот. Нивните родители им рекоа дека ќе бидат успешни, имаа многу подобар пристап до образование, за разлика од претходните генерации, и големо чувство на поврзаност и влијание - вели Џејсон Дорси, претседател на Центарот за генерациска кинетика (компанија која ги истражува глобалните навики на милениумците и генерацијата З).

Најбаксузната генерација во историјата

Но, Дорси тврди дека милениумците морале да се соочат со големи пречки, како што е рецесијата по финансиската криза во 2008 година и неодамнешната ковид-пандемија.

- На многу начини милениумците беа во состојба да станат многу успешни, но се соочија со некој вид рецесија, откази, инфлација, намалување на платите и зголемени трошоци за живот - додава Дорси.

Аргументот на овој експерт е поткрепен со статистички податоци.

- Имајќи ја предвид тековната криза (ковид-пандемијата), милениумецот, во просек, доживеа побавен економски раст откако влезе на пазарот на трудот од која било друга генерација во историјата на земјата. Милениумците ќе ги носат економските лузни од ова до крајот на животот, во форма на пониски плати, помал просперитет и одложени прагови, како што е стекнување имот - се вели во статијата во „Вашингтон пост“ од јуни 2020 година.

1
Фото: Freepik

Карактеристики на секоја генерација

Се разбира, секоја генерација се соочува со свои предизвици и она што Дорси го нарекува „моментите што ја дефинираат“ - настани што означуваат генерација, така што тоа влијае врз нивните стравови, образовни и животни избори, вредности и перцепции за иднината.

„Тивката“ генерација (родена помеѓу 1928 и 1945 година), на пример, беше значително обележана со Втората светска војна.

Бејби-бумерите (1946-64) доживеаја глобални настани, како што се Виетнамската војна и заминувањето на човекот на Месечината.

Генерацијата Х (1965-1980), која дојде подоцна, го доживеа крајот на Студената војна и ширењето на ХИВ.

Генерацијата З (луѓе родени помеѓу 1997 и 2012 година), пак, сигурно ќе биде под големо влијание од искуството со ковид-19.

Цели генерации, исто така, можат да бидат погодени од локални настани, како што се природни катастрофи, епидемии или трауматски политички настани.

Што ги дели милениумците од другите?


Клучните точки, вели Џејсон Дорси, се значителниот пораст на трошоците за живот (особено во образованието и, во многу градови низ светот, домувањето) и зголемениот глобален дострел на настани што можеби нема да имаат големо влијание врз сите нас ако не живеевме во таков поврзан свет.

- До доаѓањето на генерацијата З, милениумците беа најсличната генерација (меѓу себе) во светот. Дали тоа значи дека луѓето се исти? Не. Но, тоа значи дека има сличности во начинот на кој тие размислуваат за комуникација, забава, култура и учество во политиката. Генерацијата има чувство за меѓусебна поврзаност што не постоеше порано - вели Дорси.

Дорси додава дека милениумците се многу свесни за глобалните настани поради протокот на информации и меѓусебната поврзаност, кои ги претворија локализираните настани во глобални.

- Не зборувам за настани како светските војни, туку за идејата дека банкарската криза во една земја може да има големи последици врз другите и да се прошири низ целиот свет. Тоа е многу значајно - вели тој.

„Економија на споделување“ и несигурност во работата

Како шлаг на тортата, милениумците се соочуваат со уште поизразена несигурност во работата отколку генерацијата на нивните родители воопшто.

- Милениумците станаа возрасни со многу различен однос вработен-работодавец од претходната генерација. Нашето истражување покажува дека тие не очекувале цел живот да работат во една компанија или цел живот да имаат ист работодавец - објаснува Дорси и додава дека ова доведе до чувство на возбуда и слобода - до идејата „можам да бидам творец на мојата кариера“.

2
Фото: Freepik

Предности кај милениумците


Но, не е сѐ така црно кај милениумците. Истражувањата покажаа дека тие се поотворени за разновидност и се посвесни за влијанието на потрошувачките навики од претходните генерации.

На пример, ова е првата генерација што презема мерки против родовиот јаз во платите и нееднаквоста во вработувањето, иако експерти веруваат дека подлабоките промени најверојатно ќе бидат препуштени на генерацијата З.

Милениумците, исто така, неверојатно го ценат претприемаштвото - во просек, повеќе од нивните родители или баби и дедовци.

- Милениумците можат да започнат бизнис преку интернет многу поевтино. Видовме дека многу милениумци отвориле бизниси паралелно со работата (покрај приходите) - вели Дорси.

Во истражувањето Дорси, исто така, виде голем број постари милениумци што го преиспитуваат изборот на професија и бараат нови насоки за сопствената кариера - нешто што многу од нивните родители во тие години воопшто нема да го земат предвид.

Генерално, Дорси и неговите колеги се оптимисти кога станува збор за милениумците.

- Милениумците имаат одлични вештини, млади се и можат да имаат корист од економското закрепнување што ќе следува во следните неколку години - вели тој.

Исто така, посочува дека во многу земји милениумците претставуваат најголем дел од сегашната активна работна сила и најголема генерација на менаџерски позиции.

Поделба меѓу генерациите, од „тивка“ генерација до З


Генерациските номенклатури можеби звучат како шега, но за истражувачите, овие поделби се многу важни.

- Тие се алатка за анализа на промените во ставовите со текот на времето - пишува Мајкл Мимох, претседател на „Пју“, водечки американски истражувачки институт.

- Овие пресеци се начин за подобро разбирање како различните формативни искуства (како глобалните настани и технолошките, економските и социјалните промени) влијаат врз животниот циклус и стареењето за да го обликуваат искуството на луѓето за светот.

Според „Пју“, милениумците се дефинирани како оние родени помеѓу 1981 и 1996 година.

Во случајот на Центарот за генерациска кинетика каде што работи Џејсон Дорси, овој интервал е малку поинаков: помеѓу 1977 и 1995 година.

Дорси објаснува дека повеќе од почетната година, генерацијата се одредува според првичниот контакт со технологијата, без разлика дали живееле во урбана или приградска средина, како и приходите и степенот на образование на нивните родители, бидејќи тоа може да утврди дали првпат се сретнале со технологија порано или подоцна.

- Но, ние ја завршивме милениумската генерација во 1995 година поради терористичкиот напад врз Америка на 11 септември, кој беше многу важен во многу делови на светот. А оние што се родени по 1995 година не се сеќаваат на 11 септември - објаснува тој.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот