X
 27.10.2023 Технологија

Бумерите имаат подобри навики за сајбер-безбедност од милениумците и генерацијата З

И покрај тоа што модерната технологија е поврзана со помладите генерации, се чини дека бумерите имаат подобри сајбер-безбедносни навики од членовите на помладите генерации познати како милениумци и генерација З. Барем така тврди новото истражување на шведската компанија за уреди за автентикација, „Јубико“.

Луѓето родени во периодот од крајот на Втората светска војна до почетокот на 70-тите години на минатиот век ѝ припаѓаат на бејби-бум генерацијата, односно родени се во периодот кога светот застана на нозе. Потоа доаѓаат генерацијата Х, милениумците и генерацијата З, но поделбата на периодот во кој се родени се разликува од регион до регион.

Така, за генерацијата Х, демографите нашироко ги сметаат оние родени меѓу 70-тите и крајот на 80-тите, односно оние изгубени меѓу две големи групи - бумери и милениумци.

Според тоа, милениумците се малку помлади членови на светската популација, родени на крајот од 80-тите години, а во некои региони дури и 2000 или 2001 година. Подемот на интернетот и технологијата е поврзан со нивната генерација.

Токму затоа денес би очекувале да бидат подобри во управувањето со нивните онлајн безбедносни навики отколку бумерите. Но, новото истражување не само што го потврди спротивното, туку наведува и дека најмладата генерација З има полоши навики.

Во генерацијата З спаѓаат оние што се родени на почетокот на новиот милениум до првата деценија и се карактеризираат со висока агилност кон технологијата, особено мобилните уреди.

И покрај сето тоа, истражувањето спроведено на 2.000 испитаници покажува дека оние што пораснале со технологија имаат полоши безбедносни навики од нивните родители или баби и дедовци. Компанијата „Јубико“ спроведе анкета врз испитаници од САД и Велика Британија во врска со нивните ставови кога станува збор за заштита на онлајн профилите.

Истражувањето утврди дека бумерите имаат најмала веројатност повторно да ги користат истите лозинки за повеќе профили, при што само 20 отсто од бумерите изјавиле дека би го направиле тоа. Од друга страна, двојно повеќе милениумци користат исти лозинки на повеќе профили (47 отсто), додека 38 и 39 отсто од членовите на генерацијата Х и З го прават тоа.

Карактеристично за бумерите е и тоа што ретко ги чуваат информациите за своите кредитни картички на онлајн профилите, а само 19 отсто од нив го прават тоа, додека 33 отсто од генерацијата З, 37 отсто од милениумците и 34 отсто од генерацијата Х ги чуваат деталите за нивните банкарски картички на онлајн профилите.

Клучен фактор за ова отстапување е сомнежот во себе. Речиси двојно се поголеми шансите бумерите да бидат несигурни, на пример, при откривање лажни продавачи на интернет (42-43 отсто). Милениумците и генерацијата Х ретко страдаат од недостиг на самодоверба.

Сепак, тоа не значи дека бумерите се однесуваат многу одговорно. Кога станува збор за повеќефакторска автентикација на профил или апликација, најчести корисници се од генерацијата З, 59 отсто, а веднаш по нив е генерацијата Х со 55 отсто. Но, кога се споредуваат бумерите и милениумците, бумерите имаат поголема веројатност да користат ваква автентикација.

Извор: Benchmark.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија