X
 07.05.2018 Живот

Како течеше инаугурацијата на Путин: 58 скалила во ходник од 60 метри за заклетва од 33 збора

Се одржа свечената церемонија за инаугурација на Владимир Путин како претседател на Руската Федерација. Ова е седма церемонија за инаугурација во историјата на современа Русија, а четврта за Путин. Церемонијата се одржа во Големиот дворец во Кремљ.

Поканетите почнаа да пристигнуваат во Кремљ околу десет и пол часот. На инаугурацијата присуствуваа и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер и познатиот актер Стивен Сегал, кој му е пријател на Путин и има руски пасош.

Грандиозната зграда во која се одржа церемонијата е обновена во 1998 година и сега изгледа како да е од периодот на царска Русија. Путин во овој дворец помина 58 скалила во ходникот долг 60 метри за да стаса до салата во која ја положи заклетвата.


Рускиот претседател положи заклетва, која на руски има 33 збора: „Се колнам дека во согласност со надлежностите на Руската Федерација, ќе ги почитувам и чувам правата и слободите на луѓето и граѓаните, ќе го почитувам и штитам уставот на Руската Федерација, ќе ги штитам суверенитетот и независноста, безбедноста и целовитоста на државата и верно ќе му служам на народот“.

Путин потоа одржа говор.

- Русија треба да биде современа и динамична, храбро да ги прифаќа предизвиците на времето и да го зајакнува лидерството во областите во кои традиционално сме јаки. Историјата не простува само едно - рамнодушност и недоследност - порача Путин меѓу другото.

Тој додаде дека Русија научила да ги брани своите интереси и повторно стекнала гордост за татковината.

- Менувајќи се заедно со светот, Русија не смее да ги заборави својата историја и единство. Ќе направам сѐ за да ја зголемам славата на Русија, за да ги оправдам очекувањата и надежите на граѓаните - рече рускиот претседател.

Тој изрази уверување дека Русија ќе постигне напредок бидејќи е силна екипа која може да ги реши сите задачи.

Погледнете ја снимката од инаугурацијата на Путин.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот