X
 26.10.2022 Живот

Според „Индексот на владеење на правото“, Македонија е на 63. место

Македонија се наоѓа на 63. место според „Индексот на владеење на правото“ на вашингтонската невладина организација World Justice Project. Во извештајот објавен денеска се посочува дека Данска ја предводи листата, додека во рамките на Европската Унија, Бугарија и Унгарија се најслабо рангирани кога е во прашање владеењето на правото.

Меѓу земјите од Западен Балкан, најдобро пласирано е Косово (57.), потоа Македонија (63., на ланската листа 64. – скок за едно место) и Босна и Херцеговина (70.). Црна Гора не е спомената на листата. Србија, која бележи пад во однос на лани, годинава е на 83. место, додека Албанија е на 87. место од вкупно 140 рангирани земји.

Од 2009 година индексот на вашингтонската невладина организација „World Justice Project“ го мери развојот на владеењето на правото, врз основа на осум фактори: ограничувања на владините овластувања, отсуство на корупција, отворена влада, фундаментални права, ред и безбедност, регулаторно спроведување, граѓанска правда и кривична правда. За овогодишниот Индекс на владеење на правото беа анкетирани повеќе од 154.000 домаќинства и 3.600 правни експерти.

Како примери за владеење на правото се издвојуваат Данска, Норвешка, Финска, Шведска и Холандија. Тие ги заземаат првите пет места во рангирањето на владеењето на правото. Германија е на шестото место бидејќи не добила најдобри оцени за транспарентноста на владините и административните активности. Меѓу другото, затоа што услугите не се доволно достапни за новинарите.

Во рамките на Европската Унија, Унгарија и Бугарија имаат најнизок рејтинг – 73. место и 60. место, Хрватска е на 47. место, а Словенија е на 31. место.

На самото дно на листата се Хаити, Демократска Република Конго, Авганистан, Камбоџа, а на последното место е Венецуела. Основните права, како што е слободата на изразување, не се доволно заштитени во тие земји. Исто така, работата на владата не е под соодветна контрола.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот