X
 26.11.2020 Култура

Буџет за културно наследство во опасност, црквата во Курбиново приоритет

Проектите од национален интерес во културата ќе се финансираат со 970 милиони денари

„Културно наследство во опасност“ е новата програма која ќе се финансира од буџетот за култура идната година, за што се планираат 12 милиони денари, соопшти на денешната прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска. Таа го презентира буџетот за култура за 2021 година, кој ќе изнесува 3.276.430.000 денари, и е за 10 милиони денари понизок од годинашниот. Проектите од национален интерес во културата ќе се финансираат со 970 милиони денари. Предлог-буџетот за култура изнесува 1,23 отсто од вкупниот државен буџет за 20201 година.

- Во однос на приоритетите во заштитата, Курбиново е на врвот. Тука е и заштитата на црквата во Матејче, проблем кој е актуелен веќе дваесет години, како и конзервацијата на Лешочкиот манастир. Идејниот проект за конзервација на Акведуктот е завршен, а основниот проект ќе биде готов за две недели - рече Стефоска.

Почнува и санацијата на куќата на Лазар Личеноски на кејот на Вардар во Скопје, санациите на неколку спомен-куќи низ земјава и на Центарот за култура во некогашната куќа на Нијази-бег. За капитални проекти планирани се 217 милиони денари. Ќе продолжи изградбата на Турскиот театар во Скопје, на театарот и библиотека во Тетово, а би требало да се заврши и театарот во Струмица. Околу 6 милиони денари се наменети за набавка на опрема за националните установи, а 57 милиони денари се насочени за нивна санација. Во 2021 година се планирани реконструкции на кумановскиот театар и на центрите за култура во Кочани и во Гостивар.

Стефоска рече дека во изминативе нецели 3 месеци се решавале голем број предизвици, а еден од нив е што годинашниот буџет длабоко зачекорил во буџетот од идната година и околу 1/3 од годинашните обврски се пренесуваат за 2021 година.

- И покрај тешката економска ситуација, успеавме да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме – рече Сефоска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура