X
 23.09.2020 Култура

Црквата во Курбиново ќе добие статус на добро во опасност - да не беше Митко, лани ќе беше поплавена

По седум години изготвување проекти во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с.Курбиново, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство, иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата, рече министерката за култура Ирена Стефоска. Таа пред новинарите изрази зачуденост зошто во последниве децении црквата „Св. Ѓорѓи“ не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на културното наследство го наложува тоа. Стефоска посочи дека таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. 

„Св. Ѓорѓи“, с. Курбиново

- Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност! - истакна Стефоска. 

Таа објасни дека досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата.


- Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, иако уште во 2017 г. Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност - рече министерката за култура.

Клучот од црквата со години е кај човек од селото кој се грижи за неа. На новинарско прашање дали е тоа во ред, министерката истакна:

- Многу пати кога сум одела со колеги историчари, антрополози од цел свет и сум си го поставувала истото прашање. Ако не е Митко да се грижи за црквата, иако тоа не треба да биде така, верувајте дека таа ќе беше поплавена лани во големите дождови во Преспа. Митко ја спаси црквата. Не може која било црква, џамија да биде необезбедена.

Стефоска истакна дека заштитата на културното наследство, евроинтеграциите и младите се трите главни столба во програмата на Владата и во нејзиниот мандат како министерка за култура.

-Заедно со УНЕСКО, годинава се сеќаваме на 50-годишнината од смртта на Параскеви Кирјази, која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во 1908 година во Битола, додека, пак, следната година УНЕСКО се придружува кон големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на македонскиот јазик и книжевност, Блаже Конески.

Ирена Стефоска, министерка за култура

Меѓу новините, се работи на подобрување и усовршување на критериумите за вреднување на пријавите во годишните конкурси. Министерката истакна дека е од особена важност и во Собранието што побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу другото, се менува и моделот на финансирање во културата.

На прашањето за задоцнетите плати во културниот сектор, Стефоска истакна дека за јули сѐ уште не се исплатени плати на 2 национални установи и на 11 локални, поради тоа што уште не ја доставиле потребната документација според новиот Колективен договор.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура