„Игра со лигни“ за многу кратко време стекна огромна популарност и стана вистински хит во популарната култура и колку и да звучи морбидно, сите сакаа барем еднаш да се обидат во игрите што ликовите од серијата ги играат за да преживеат, се разбира, без никакви последици. Еден од најпопуларните јутјубери во светот им ја исполни таа желба на многумина.
Џими Доналдсон избра 456 луѓе што имаа можност да ја искусат „Игра со лигни“ во реалниот живот. Познат под неговиот псевдоним Мистер Бист, овој јутјубер често организира игри на својот канал во кои неговите пријатели или случајни обожаватели имаат можност да освојат пари или вредни награди. Така тој одлучил да ја искористи огромната популарност на новата серија на „Нетфликс“ и да изгради полигон со идентични игри кои ги играат и хероите во серијата.
По случаен избор избра 456 свои обожаватели на кои им беше дадена можност да освојат 456.000 долари. За да ги добијат парите, учесниците требаше да ги поминат сите игри и да не се откажат во меѓувреме. Игрите го следат редоследот како во серијата со мали измени, бидејќи е невозможно буквално да бидат пресоздадени сите нивоа.
Иако победникот ја добива главната награда, пари добиваат и натпреварувачите што ќе отпаднат во одредени делови, но многу помала сума. Џими тврди дека само во наградите биле поделени преку 1,5 милион долари, а целиот сет чинел околу 3,5 милиони.
Првично, каналот на Мистер Бист стана познат по снимањето на играта „Мајнкрафт“ за време на вториот бран на популарност на најпродаваната игра на сите времиња. Бидејќи „Јутјуб“ плаќа прилично добро во Америка и во странство, Џими заработи огромно богатство снимајќи клипови со своите пријатели. Сепак, за разлика од повеќето креатори на оваа платформа, тој ги користи своите пари за да ги награди своите обожаватели.
Често прави видеа во кои на пријателите или случајно избрани следбеници им подарува автомобили, пари, телефони, а понекогаш и куќи. Тој организираше и две движења за заштита на животната средина. „Тимтрис“ е неговата организација која сади по едно дрво за секој дониран долар, а исто така собира пари за заштита на океаните и морињата.
Тој е еден од омилените јутјубери и го достигна самиот врв без никакви контроверзии или понижувања на другите. Често им дели храна на оние на кои им е најпотребна, а сите средства за тие акции ги собира со снимање клипови за нив.
Фото: Screenshot/Youtube