Дали треба да се водиме по Платоновата мисла дека незнаењето е корен на сите зла?
Дали поливалентната колективна меморија што треба да го надмине јазот помеѓу редот и хаосот, доброто и злото, конечното и вечното заборави на критиката? Или, пак, тие што треба да ја дадат критиката ја злоупотребија колективната меморија за да создадат нови и непознати добра и зла? Во ерата на сајбер-револуцијата, брзиот и лесен пристап на податоци, македонското општество со сите етнички, партиски, класни диреференции јасно го нагласуваат јазот, покрај силните тенденции на глобализација и наметнување на универзални вредности.
Сето ова ни говори дека процесите во македонското општество се или застарени или водат во погрешен правец, зависен од политички фактори кои согласно моделот на функционирање на нашата држава би требало да ја креираат критиката за која на почетокот зборувавме, впрочем институализацијата го подразбира тој чин.
Дали креаторите на критиката се осудуваат да го промислат Веберовото гледиште за државата, држава способна да ги следи своите цели во кои се вклучени сите актери, дури и статистите. Во македонското општество улогите се поделени согласно потребите на политичките фактори, момент кој секој историчар би го поистоветил со милет-системот кој функционирал во рамките на Османлиската Империја.
За да биде функционален т.н. современ милет-систем, клучна улога има културата која во случајов со својата поливалентност, сложениот процес, политизиран, го прави толку едноставен и практичен. Зошто е толку едноставно? Мултиетничкиот и мултикултурниот карактер, како и демократскиот модел на владеење – многупартиски систем, територијално поделен, укажува на дивергенција која е принудена да се толерира. Зависни едни од други, немите статисти (обичните граѓани) кои го креираат колективот и ја градат меморијата, водени од семоќните креатори и нивните „идеали и гледишта“, само ја потврдуваат тезата дека мултикултурализмот (во македонски облик) е теориска догма која постојано се шири како вирус низ нашето општество благодарение на политиката (демократијата – демосот) и нејзините потреби.
Дали Фоуерс и Ричардсон вака ги замислуваа мултикултурализмот, рамноправноста, специфичноста на вредностите, постулатите кои говорат за опстанувањето на едно друштво, независно од етничката припадност, или пак потајно, културните разлики ги гледаа како апарат преку кој би ги лимитирале односите на различни култури, автоматизирајќи го етноцентризмот кој ја нарушува интеракцијата на интеркултурализмот, благодарение на прагматичноста на одредени носители на поедини култури, идеали, потреби и цели, предизвикани од креаторите на критиката? Дали за крај треба да се водиме по Платоновата мисла дека незнаењето е корен на сите зла?
(Пишува: Даниел Ѓорѓевски – археолог)