X
 26.12.2022 Живот

Што е тоа циклонска бомба, која ги заледи САД?

Откако американските метеоролози пред неколку дена предупредија на потенцијално парализирачките временски услови во централните и источните делови од САД, кои би можеле да создадат хаос во сообраќајот за време на празниците, беа откажани илјадници летови.

- Ова не е како снежните денови од времето кога бевте деца, ова е сериозно - порача американскиот претседател Џо Бајден.

Поради силната арктичка зимска бура, беа издадени предупредувања за повеќе од 135 милиони лица.

А што е тоа циклонска бомба?

Циклоналната (циклонска) или циклон-бомба е израз што се користи за бура која брзо се засилува, при што доаѓа до нагло опаѓање на воздушниот притисок - најмалку 24 милибари во 24 часа. Освен многу ниските, некаде и екстремни температури, циклонските бомби носат и силни ветришта и бури.

- Овие интензивни бури со себе носат многу врнежи и многу јаки ветришта. Моментално во САД пристига многу ладен арктички воздух, а ладното време предизвикува дополнителни компликации. Наглата промена на притисокот настана поради интеракциите со силната воздушна струја - објасни метеорологот Кристи Мекејб.

Таа додаде дека станува збор за брзо струење на воздухот високо во атмосферата што ги контролира површинските системи на низок притисок.

- Контрастот меѓу ладниот арктички воздух на север и топлиот тропски воздух на југ ја зајакна воздушната струја, која за возврат го зголемува подрачјето на низок притисок - рече Кристи.

Наглиот пад на притисокот метеоролозите го споредија со експлозија на бомба, користејќи термини како „бомбохенеза“ за да го опишат процесот на формирање бура. Изразот, пред сѐ, се однесува на брзината со која се формира бурата, а не на нејзиниот состав.

Извор: Buka
Фото: Twitter
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот