Соларната сонда „Паркер“ на НАСА се подготвува за историски момент во својата мисија наречена „Допри го Сонцето“. Во својот 22. близок премин, сондата ќе се приближи до Сонцето на растојание од само 6,1 милиони километри (3,8 милиони милји), со брзина од неверојатни 192 км/с. Тоа е поблиску и побрзо отколку што има постигнато кој било објект.
НАСА веќе потврди дека сите системи на сондата се оперативни и дека „Паркер“ е во вистинската позиција за овој смел подвиг. Овој перихел, дел од последната серија на блиски поминувања, ја поставува основата за уште четири слични поминувања во текот на 2025 година.
- Ова е пример за мисиите на НАСА што го прават она што никој досега не го направил за да одговори на долгогодишните прашања за универзумот - вели астрофизичарот Арик Познер, научник на програмата.
Соларната сонда „Паркер“, лансирана во 2018 година, е дизајнирана да обезбеди најблиски податоци досега за Сонцето и неговата атмосфера, позната како корона. Целта е да се решат клучните мистерии, вклучувајќи:
-Зошто Сончевата корона, која се протега повеќе од 8,3 милиони километри во вселената, е потопла од самата површина на Сонцето?
-Како се создава магнетното поле на Сонцето?
-Што ги поттикнува циклусите на Сончевата активност?
-Кои се тајните на хемискиот состав на Сонцето?
Со собирање податоци од Сончевата корона, научниците се надеваат дека ќе ги решат овие прашања и ќе го унапредат нашето разбирање за ѕвездите. Астрофизичарот Нур Рауафи од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ ја опишал мисијата со зборовите „речиси како слетување на ѕвезда“. Тој го споредил потфатот со слетувањето на Месечината во 1969 година, нарекувајќи го монументално достигнување за човештвото.
„Паркер“ е закажан за уште четири перихели во текот на 2025 година, со датуми во март, јуни, септември и декември. Меѓутоа, кога сондата ќе остане без гориво за приспособување на траекторијата, таа нема да може да го издржи притисокот на Сончевото зрачење. На крајот, „Паркер“ ќе се претвори во блескав фрагмент кој ќе орбитира околу Сонцето милијарди години.
- Еден ден сондата ќе ја изгуби контролата и ќе биде изгорена од Сонцето, но одредени делови, како јаглеродниот штит, би можеле да ги преживеат високите температури и да станат дел од Сончевиот Систем во следните милијарди години - објаснил астрофизичарот Џастин Каспер.
Извор: benchmark.rs
Фото: NASA