Египетски археолози соопштија дека е пронајдена мумија со златни лисја на себе, затворена во саркофаг кој не е отворен 4.300 години. Се работи за посмртни останки на човек по име Хекашепес и се смета за едно од најстарите целосни невладетелски тела откриени во Египет.
Мумијата е откриена во окно длабоко 15 метри, на антички гробишта јужно од Каиро, каде што се пронајдени уште три гробници. А едниот гроб му припаѓал на „чуварот на тајните“… Тој е именуван Мери – висок функционер во државата кој ја добил таа титула која му дозволувала да врши посебни верски обреди.
Се верува дека најголемата од мумиите откриени на овие древни гробишта е извесен Хнумџедеф – свештеник, инспектор и надгледник на благородниците. А, пак, во четвртиот гроб бил погребан судија и писател по име Фетек. Тука е откриена збирка од она што се верува дека се најголемите статуи кои некогаш се пронајдени во целата оваа област.
Ископани се и повеќе предмети, вклучително и керамика. Археологот Захи Хавас, поранешен министер за антиквитети на Египет, смета дека сите наоди датираат од околу 25 до 22 век пр.н.е.
- Ова откритие е прилично важно бидејќи ги поврзува владетелите со луѓето што живеат околу нив - изјави Али Абу Дешиш, друг археолог вклучен во ископувањата.
Сакара е некропола што содржи гробови кои датираат во временски распон од над 3.000 години. Сместена во древниот египетски главен град Мемфис, таа е дом на повеќе од 12 пирамиди – вклучувајќи ја и Степенестата пирамида, во близина на местото каде што се пронајдени и новооткриените мумии. Подрачјето е прогласено за светско наследство на УНЕСКО.
Египет со овие големи археолошки откритија последниве години се стреми да го заживее и својот туризам.
Извор: МИА