X
 25.01.2023 Наука

Во мумијата наречена „Златно момче“ биле пронајдени 49 амајлии

Во 1916 година на гробишта во јужен Египет била откриена мумија, која потоа била евидентирана и испратена во Каиро. Таму била сместена во депото на Египетскиот музеј, по што била заборавена. Поминале 100 години пред некој да ја забележи и да одлучи да ја скенира со компјутерска томографија. Со помош на овие скенирања биле откриени многу информации за внатрешноста на мумијата и ковчегот.

Мумијата, која го носи името „Златно момче“, била поставена во два ковчези. На надворешниот имало натпис на старогрчки, поради што се датира во периодот на Птоломеј. Внатрешниот ковчег, пак, бил направен од дрво. Кога египтолозите подетално ги истражиле сликите од скенирањето, откриле 49 амајлии скриени меѓу завоите на починатиот.

Меѓу највпечатливите била онаа во форма на два прста до необрежаниот полов орган на момчето, амајлија во форма на срце сместена во градите, како и златен јазик во внатрешноста на устата. Дополнително, било откриено дека починатото момче носело сандали. Иако неговиот идентитет сѐ уште не е познат, експертите тврдат дека им припаѓал на повисоките слоеви на египетското општество.

Амајлиите и античките Египќани


Познато е дека Египќаните верувале во моќта на амајлиите. Тие биле користени првенствено за да се обезбеди заштита, како и специфични придобивки за живите и за мртвите. За време на балсамирањето тие биле поставени за да се одржи виталноста на починатиот. Така, јазикот на момчето бил покриен со злато за да може да зборува. Сандалите требало да му овозможат да се движи.

Заинтересирани за амајлијата во вид на срце, научниците одлучиле да направат реплика со помош на 3Д-печатач.

- Беше неверојатно. Особено откако беше испечатена 3Д-реплика и откако ја зедов в раце. На задната страна беа изгравирани знаци кои претставуваат магии напишани од свештениците за да го заштитат момчето при неговото патување - објаснува авторот на истражувањето и радиолог Сахар Салим од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Каиро.

Извор: Jpost.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука