X
 13.09.2023 Наука

Откриена мумија стара еден милениум чија коса е совршено зачувана

Главниот град Лима, исто како и многу други големи градови, под себе крие траги од минатото кои трпеливо чекаат да бидат истражени. Во самото негово срце, местото наречено Мирафлорес, деновиве се ископува античкиот церемонијален центар на Хуака Пуклан, каде што се пронајдени остатоци од возрасна мумија со целата коса, стара повеќе од еден милениум.

Денес, модерното населено место Мирафлорес може да се пофали со остатоци од пирамидална структура направена од глина, која некогаш била користена од културите што живееле тука пред Инките - првенствено културата Ичма. Овој значаен церемонијален центар имал висина од околу 20 метри и скалеста структура.

Во една од одаите била откриена мумија со свиткани нозе - токму како што практикувале припадниците на културата Ичма, додека во левата рака држела зелена текстилна кеса со метални украси. На некои од нив се откриени украси со зооморфни и геометриски мотиви, а под нејзините нозе имало керамички садови кои најверојатно содржеле приноси за задгробниот живот.

Истражувачите се надеваат дека подеталните истражувања ќе откријат повеќе за секојдневниот живот на древните култури кои се појавиле и се развиле пред Инките и потсетуваат дека под Лима, која има околу 10 милиони жители, има околу 400 археолошки локалитети кои сѐ уште чекаат да бидат откриени.

Извор: National Geographic
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука