X
 27.02.2020 Здравје

Kаде да читате релевантни информации за коронавирусот

Можете и сами, полесно отколку што мислите, многу прецизно да се информирате за напредувањето на коронавирусот. Ако не им верувате на медиумите, пречесто сте биле измамени и се сомневате во политичките објави на социјални мрежи, ви препорачуваме неколку извори на најсвежи информации.

Да почнеме од домашните институции. Најрелевантните информации на македонски јазик можете да ги најдете на страницата на Министерството за здравство (заедно со профилите на „Твитер“ и „Фејсбук“, како на Министерството така и на министерот Венко Филипче) и на страницата на Институтот за јавно здравје. Треба да се напомене и дека по пристигнување на територијата на Македонија и при сомнителни симптоми слични на коронавирусот патниците треба да се пријават на броевите за контакт што се поделени по региони.

Од регионот, информации за коронавирусот може да прочитате на страниците на министерствата за здравје на секоја земја на овие линкови: Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Косово, Албанија.

Освен епидемиолошките податоци, можете и без домашните таблоиди или големите светски медиуми да заклучите нешто за атмосферата што владее во Кина, која е под опсада од вирусот. Кинеските медиуми постојано известуваат за излекуваните, за починатите и за оние уникатни случаи кога некој многу стар човек ќе успее да го победи вирусот. Во Кина има и телефонска линија за психолошка поддршка која работи 24 часа, а кинеските медиуми постојано објавуваат совети зошто е важно да се проветрува станот, кои се лажни вести за заразата, како да се постапува со медицинскиот материјал и што да се прави ако некој во фамилијата се разболи.

Сите вакви вести за заразата се собираат и во реално време се објавуваат на кинеската DXY листа, додека пообемните и аналитички обработени податоци може да се видат на порталот на DXY. Ако ве интересира ситуацијата во Европа, со медицински совети, сугестии и доверливи анализи, можете да ја следите многу корисната страница на Европскиот центар за контрола и превенција на заразните болести.

Популарниот американски Центар за контрола и превенција на болести, исто така, разви портал посветен на новата зараза. Во меѓувреме, Светската здравствена организација постојано објавува извештаи на својата страница.

Користејќи отворени податоци за бројот и состојбата на заболени, голем број клиники и центри за јавно здравје во светот развија различни интернет-платформи за следење на распространетоста на заразата.

Така, истражувачка група од Центарот за наука на системите и инженерство при Универзитетот „Џонс Хопкинс“ направи и исклучително информативна визуализација на однесувањето на епидемијата во реално време.

На прв поглед интернетот во услови на епидемија може да биде разорен како и самата болест, да поттикне најморбидни идеи и да биде извор на лажни вести. Веќе знаеме за шпекулациите дека вирусот настанал во лабораторија за да ја уништи кинеската економија, дека мутирал со ХИВ, дека неизбежно ќе убие милиони луѓе или дека се лекува со средства за чистење. Меѓутоа, ако се информирате на различни места, ако ги споредите податоците, ќе бидете отпорни на такви манипулации.

Заразата со новиот коронавирус е толку нова што сè уште нема лично име, туку ознака 2019-нКов - и понатаму се именува по цел род вируси (наречени корона поради обвивката што личи на круна) во кои спаѓаат и САРС и МЕРС (повеќе за овие вируси ТУКА). Благодарение на глобалната поврзаност, заразата која е откриена во централна Кина речиси веднаш се рашири на сите други континенти, што предизвикува глобална грижа.

Меѓутоа, светот денес е поврзан не само со авионски линии, туку пред сè со интернет и додека медицината на самиот почеток не може да ја стигне брзината на заразата, информациите секако се многу побрзи од неа. Во исчекување на доверлив протокол за лекување на новата болест и вакцина за неа, што бара многу време, клучно оружје во борбата против потенцијалната пандемија може да бидат информациите.

Извор: naukakrozprice.rs
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје