X
 27.02.2023 Живот

Украина има нова поштенска марка на која се наоѓа муралот на Бенкси со Путин

Украина издаде поштенски марки со мурал од познатиот британски уметник Бенкси, по повод годишнината од руската инвазија на Украина.

Муралот прикажува момче кое за време на џудо-борба фрла на подот возрасен маж кој личи на рускиот претседател Владимир Путин. Оригиналниот графит беше нацртан на куќа во Бородјанка, во близина на Киев, која беше уништена од гранатирањето на руските сили.

Метафора за украинскиот отпор

На долниот лев агол на поштенската марка е додадена директна референца за рускиот лидер. Путин има црн појас во џудо и е љубител на борачки вештини. Многу Украинци го сметаат муралот на Бенкси како метафора за силниот отпор на Украина на руската инвазија.

Уметничките дела на Бенкси може да се најдат на неколку згради во украинските градови што се тешко погодени од руската инвазија.

Бородјанка беше окупирана од руските сили во првите неколку дена од инвазијата. Откако украинските сили го ослободија градот пролетта, украинските власти ја обвинија Русија дека е одговорна за масовни воени злосторства.

Потоа следуваше откривање на стотици тела на украински цивили во масовни гробници во близина на Киев. На некои им беа врзани рацете, што покажува дека се убиени од непосредна близина. Русија ги отфрла обвинувањата и вели дека Украина го инсценирала сето тоа.

Извор: BBC
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот