X
 27.03.2019 Наука

Африкански професор ја направи првата операција на средно уво со 3Д-технологија

Африканскиот професор Машуду Тшифуларо и неговиот тим од Универзитетот во Преторија, Јужноафриканската Република, ја извршија првата операција на средно уво користејќи 3Д-технологија. Првите две лица на кои им беа направени операции беа 40-годишниот Табо Мошилива и 62-годишниот Симон Бохале. Професорот откри дека операцијата е долготрајно решение за загубата на слухот и е достапна процедура.

Професорот е претседател на Одделот за оториноларингологија на универзитетот и тој бил мозокот зад хируршката процедура. Импресивно е што операцијата може да се изведува на лица од секоја возраст, од возрасни до бебиња.

Мошилива бил првиот примател на 3Д-печатена коска на средно уво. Операцијата на Мошилива траела еден и пол час бидејќи траума на неговото уво ја искомплицирала операцијата. Сепак, на крајот операцијата била успешна.

Вториот пациент, Симон, имал неразвиено средно уво. Неговата професија како заварувач исто така придонела за влошување на слухот и состојбата станала многу лоша во 1983 година.

- Возбуден сум. Претходно имав две операции, но не беа 100 отсто успешни. Одвај чекам да ги слушам луѓето кога ќе ми зборуваат - изјави тој.

Зборувајќи за процедурата, професорот Тшифуларо објасни дека тие првин скенираат пред да ја рекреираат коската. Тој додаде дека имплантот работи на истиот начин како и замена на колк. За процедурата бил користен титаниум затоа што е биокомпатибилен. И поради тоа што била правена со ендоскопски пристап, операцијата била релативно брза и со мали лузни. Операцијата била направена во државна болница, а професорот истакна дека тоа било направено затоа што сакале да им помагаат на луѓето.

На социјалните медиуми беа споделени многу позитивни реакции за процедурата.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука