X
 10.07.2020 Наука

Проблем за кој малку се зборува: Што ако на астронаутите им е потребна итна операција додека се во вселената?

Претходно годинава астронаут на Меѓународната вселенска станица развил згрутчување во вратот кое било опасно за живот. Проблемот на крајот се решил со лекови дадени од лекарите на астронаутот на Земјата, така што била избегната операција. Со оглед на тоа што вселенските агенции и приватните вселенски компании имаат голема желба да слетаат на Марс во наредните децении, следниот пат нема да биде доволна само среќата за да се реши сериозниот здравствен проблем на астронаутите во вселената.


Потенцијалните здравствени проблеми за кои е потребна операција се едни од главните предизвици кога станува збор за вселенскиот лет на човекот. Но, во текот на последните неколку години вселенската медицина излезе со неколку идеи кои би можеле да помогнат во овие ситуации, а вклучуваат хируршки роботи и 3Д-печатење.

Кога е најблизу до Земјата, Марс всушност се наоѓа на огромна оддалеченост од 54,6 милиони километри. За споредба, Меѓународната вселенска станица е само 400 километри над површината на Земјата.

Она што важи за Меѓународната вселенска станица не важи за Марс


Хируршки итните случаи на Меѓународната вселенска станица се третираат така што пациентот се стабилизира и се испраќа назад на Земјата, во што помага телекомуникацијата во реално време. Во мисиите на Марс ништо од ова нема да функционира бидејќи евентуална евакуација би траела со месеци или години поради оддалеченоста на Црвената Планета, а доцнењето на комуникацискиот сигнал е над 20 минути.

Покрај тоа, гравитацијата на Марс е значително послаба од гравитацијата на Земјата, има високи нивоа на зрачење, а сите што се наоѓаат на површината мора да бидат или во херметички затворен простор или во вселенски костим.


Астронаутите ќе бидат во исклучително неповолна ситуација


Екстремните услови на Марс би биле тешки за астронаутите физички да се приспособат, а за тоа би било потребно многу време. Веќе е познато дека престојот во вселената влијае врз промената во клетките, крвниот притисок и врз работата на срцето. Исто така, распределбата на течности во телото на астронаутот е различна, а престојот во микрогравитација ги ослабува мускулите и коските на астронаутите.

Исто така, вселенските патници се посклони кон развивање инфекции, па затоа астронаутот кој е повреден или на друг начин му е загрозено здравјето веќе се наоѓа во физички неповолна ситуација.

Научниците проценуваат дека на екипаж од седум лица би му била потребна една итна операција на секои 2,4 години во текот на мисијата на Марс. Главните причини се воспаление на слепото црево, повреда, воспаление на жолчното ќесе или карцином.

Хируршките процедури се можни во услови на микрогравитација и веќе се извршени, но не на луѓе. На пример, астронаутите биле во можност да поправат оштетување на опашките на стаорци користејќи лапароскопска постапка. Станува збор за минимално инвазивна хируршка постапка која се користи за набљудување и санација на органите на абдоминалната празнина.

nasa
Фото: NASA

Овие процедури доведоа до нови иновации и подобрувања во самата постапка, како што се магнетизирање на хируршки инструменти, така што тие не лебдат низ просторијата, туку се задржуваат залепени на масата со магнетизам. Сосема поинаков проблем беше тоа што во текот на постапката внатрешните органи имале тенденција да излегуваат надвор од телото поради микрогравитацијата, што им пречело во работата на астронаутите.

Решението за овој проблем се минимално инвазивни операции, како што е операција преку дупка и употреба на камера и инструменти што можат да се стават низ минимални засеци во телото.

Неодамна беше извршена лапароскопија на лажен абдомен за време на параболичен лет во микрогравитација, во која хирурзите успешно го решиле проблемот со тешко крвавење. Но, тие предупредиле дека ќе биде психолошки крајно тешко за таквата постапка да ја спроведе вселенскиот екипаж на еден од нивните членови.

И телесните течности се однесуваат различно во услови на микрогравитација на Марс. Крвта во нашите вени би се лепела за хируршките инструменти, а лебдечките капки би можеле да го спречат видното поле на хирургот. Ако операцијата треба да се изврши во затворена кабина со циркулирачки воздух, ќе постои ризик од инфекција.

Можни решенија

Решението би можело да биде хируршки балон и инструменти што би го одбивале лепењето на крв на нивната површина.

НАСА веќе тестирала затворен систем направен од балон од целосно транспарентна хируршка пластика, кој го изолира пациентот од остатокот од просторијата и така спречува можна контаминација на раната.

Во идеално сценарио, треба да се изгради просторија за траума на Марс, која би имала заштита од зрачење, хируршки роботи, напреден систем за поддршка на животот и средства за обезбедување на пациентот на операционата маса. Исто така, модулот треба да има и филтриран воздушен систем и компјутер за да помогне во дијагностицирањето и терапијата.

Бидејќи за сето ова е потребна многу опрема, решението е во 3Д-печатачи кои би можеле да печатат инструменти и друга опрема од материјали што се достапни на површината на Марс. Едно можно решение е и целосно автоматизиран и независен роботски оперативен систем.

Потребни се многу истражувања за да се случи сето ова, а постојат и непознати, особено кога станува збор за дијагностика и анестезија.

Можеби превенцијата е и една од најдобрите опции. Кога станува збор за превенција, изборот на здрава екипа и развивање заштитна опрема за нив ќе бидат клучни ако сакаме да одиме по површината на Црвената Планета и да живееме доволно долго за да можеме да разговараме за тоа.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука