X
 27.03.2023 Живот

Самостојниот синдикат на здравство најави протест пред Министерството за здравство

Советот на самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита најави протест пред Министерството за здравство в четврток, поради, како што информираа, сѐ уште непотпишаниот анекс на Колективниот договор за корекција на коефициентите на вработените.

Како што соопштија на денешната прес-конференција во Сојузот на синдикатите на Македонија, во анексот се бара корекција на коефициентите на вработените во здравството со различни износи, што, според Советот, би значело одредено позитивно придвижување.

- До овој момент, и покрај нашите отстапки и со тие одредени пониски износи на бруто-корекција на коефициентите, кои во овој момент се пониски од она што би значело бруто-корекција на минималната плата од 3.317 денари, сѐ уште го немаме ниту потпишано анексот на Колективниот договор, ниту пак имаме одредено сознание кога тоа ќе се случи - изјави претседателот Љубиша Каранфиловски.

Според нив, се работи за корекција која во овој момент не соодветствува на она што се случило од двете последни покачувања на платата и доколку до среда не им се презентира она што според нивни сознанија го договориле Министерството за здравство и Фондот за здравство, в четврток ќе излезат на протест.

- Очекуваме најдоцна до среда да ни се презентира што договориле, доколку тоа не се случи, в четврток во 11:55 ги повикуваме сите членови во Синдикатот и сите вработени во здравството, кои нема да бидат вклучени во работниот процес на тој ден, да бидат присутни на протестот, за да го искажеме нашето незадоволство за несериозниот пристап кон сериозно прашање - рече Каранфиловски.

Во врска со прашањето за изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи дека нема да има пари за здравството, Каранфиловски рече дека токму поради тоа била одлуката за протест и дека по протестот, доколку немаат позитивни сигнали, ќе применат и други мерки.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот