X
 27.04.2018 Наука

„Ова од корен ќе ја промени астрономијата!“



Европскиот сателит „Геа“ овозможи мапирање на речиси 1,7 милијарда ѕвезди во нашата галаксија и ја одреди оддалеченоста од Земјата на 1,3 милијарда од нив, соопшти вчера Европската вселенска агенција – ЕSА.


Млечен пат
(Фото: Pexels)


„Ова е многу важен и богат збир на податоци и сметаме дека од корен ќе ги промени астрономијата и нашите сфаќања за Млечниот Пат“, изјави еден од водечките научници во ЕSА, Уве Ламерс.

Директорот на научниот оддел на ЕSА, Гинтер Хасингер, рече дека со помош на „Геа“ ќе може да се реконструира целосната историја на нашата галаксија.

„Тоа ќе потсетува на занимавање со архео-астрономија (...) за да се реконструира вистинската историја на нашиот универзум“, истакна тој.

Сателитот „Геа“ беше лансиран на крајот од 2013 година за да ги снима изворите на светлина во Млечниот Пат. Моментално се наоѓа на 1,5 милион километри од нашата планета, а податоците се испраќаат до Земјата каде што ги обработуваат 450 научници од 20 земји.

Првата верзија на каталогот со податоци добиени од „Геа“ беше создадена во 2016 година и ја  лоцира положбата на 1,1 милијарда ѕвезди од Млечниот Пат, но само за 2 милиона од нив беше непрецизно одредена нивната оддалеченост од Земјата.

Францускиот астроном Фредерик Арену истакна дека тој каталог беше „само аперитив“.

„Ова сега е вистински огномет. Кога ја знаете оддалеченоста меѓу ѕвездите, тогаш може да дознаете колку тие се сјајни, колку се стари, како се развивале“, објасни  тој.

Новите податоци, кои „Геа“ ги собираше од јули 2014 до мај 2016 година, вчера беа објавени на интернет и станаа достапни за сите заинтересирани.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука