X
 18.10.2023 Наука

Голем експеримент покажа дека фрлањето паричка не е сосема фер

Се верува дека начинот на одлучување со помош на фрлање паричка е целосно фер освен доколку не се работи за сменета монета. Но, земајќи ја здраво за готово правичноста на овој процес, никој досега не се потрудил систематски да го проучува и да види дали има фактори што би можеле да го направат помалку фер, па паричката да се приклони кон еден од исходите.

Голем тим од научници се собра околу оваа идеја и спроведе интересно истражување. За време на експериментот, 48 луѓе фрлале во воздух монети ковани во 46 различни земји за да избегнат пристрасност поврзана со дизајнот на самите монети и ги забележале резултатите. На овој начин ги забележале резултатите од 350.757 фрлања на монети, а во добиените резултати подоцна добиле статистичка потврда: фрлањето на монетите не е сосема фер.

Имено, за време на експериментот била забележувана почетната состојба, односно страната на паричката свртена нагоре пред фрлањето, а потоа состојбата откако паднала во дланката. Анализата на податоците покажа дека монетите, без разлика какви се, ќе паднат на истата страна на која биле свртени пред фрлањето во 50,8 отсто од случаите.

Причината за тоа лежи во физиката и начинот на фрлање на паричката, односно нејзиното движење за време на летот. Ова потврдува хипотеза од 2007 година која вели дека секоја монета во лет поминува малку повеќе време свртена на страната на кој била фрлена. Оваа теорија вели дека монетите ќе паѓаат на овој начин 51 отсто од времето, а емпириските податоци сега речиси целосно го потврдуваат тоа.

Значи, како да обезбедите целосно фер резултат следниот пат кога ќе треба да фрлате паричка? Се препорачува да се фрли паричката неколку пати или пред да се фрли да не се гледа во нејзината почетна положба. Или можете да користите, на пример, дигитална монета во пребарувачот „Гугл“.


Извор: Bug
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука