X
 27.06.2019 Наука

Ќе се гради ѕид под Антарктикот за да се спречи топењето на мразот

Покачувањето на нивото на морето поради топењето на мразот е сериозен проблем со кој наскоро ќе мора да се соочиме. Нивото на морето и на океаните уште сега расте и се заканува со потопување и поплави на многу градови, како Мајами и Венеција.

Доколку се стопи и мразот што ги покрива Антарктикот и Гренланд, брзината на покачувањето на нивото на морето двојно ќе се зголеми, штетата ќе биде во вредност од билиони долари, а ќе се раселат милиони луѓе.

За да се спаси, човечкиот род ќе мора да почне со најголемиот градежен проект во историјата, а тоа е градба на големи носечки ѕидови под ледените маси за да не се распаднат.

Теоретски, тоа би требало да им даде време на крајбрежните области да се приспособат и човечкиот вид да поништи дел од загревањето што го предизвика со фосилните горива и менувањето на климата.

mraz
Фото: Getty Images

- Геоинженерингот на ваквиот вид често значи да се размислува за незамисливото - вели Џон Мур, еден од двајцата автори на новото истражување.

Проектот и понатаму е чиста теорија. Авторите велат дека и во денешно време интервенцијата би била на работ на можното. Но, еднакво е можен и катастрофален колапс на масата на мразот, а сето ова можеби почнало со глечерот Твејтс на западот на Антарктикот.

- Твејтс би можел лесно да активира колапс, па нивото на морето би се подигнало за три метри - вели коавторот на истражувањето, Мајкл Воловик, геофизичар од Универзитетот „Принстон“.

На Антарктикот има доволно мраз за нивото на морето на глобално ниво да го подигне за 60 метри. Иако луѓето се тешат со фактот дека топењето трае, Антарктикот всушност се топи побрзо отколку што се очекувало.

Она што по природен пат би траело илјада години, луѓето максимално го забрзаа.

Во текот на 20 век нивото на морињата низ светот пораснало во просек за 15 сантиметри, а тоа било доволно просечната плажа на источниот брег да се „скрати“ за 15 метри.

Исто така, треба да се запомни дека морињата не растат секаде еднакво, поради океанските струи и ефектот на гравитацијата. И други фактори придонеле за глобалниот раст на нивото на морето. Како што светот се загреваше поради согорувањето на фосилните горива, така океаните го „изеле“ поголемиот дел од топлината.

Со тоа се топат и ледените карпи, додавајќи уште вода во системот, а кога ќе почне да се топи и мразот од Антарктикот и Гренланд, тогаш ќе се соочиме со вистински проблеми. Според неодамнешно истражување, би требало да се изградат потпорни структури или ѕидови под мразот за да зајакне.

Воловик и Мур го истражуваат овој концепт неколку години. Во нивното ново истражување тие пресметале колку е веројатно глечерот Твејтс да почне да се распаѓа. Тоа е особен предизвик бидејќи станува збор за глечер со екстремна ширина, што значи дека е потребна силна и голема потпорна структура.

Авторите пресметале дека изградбата на „ѕид“ и потпорен систем би имала 70 отсто шанси да го спречи губењето на западноантарктичката ледена маса во наредните 1.000 години.

- Тоа би бил најголемиот инженерски проект што човештвото некогаш се обидело да го направи, нешто како копањето на Суецкиот Канал само во илјада пати полоши услови - велат научниците.

Најголем проблем е што е технички речиси неизводливо, а и мали се шансите мразот доволно да издржи за да се изгради структурата, со оглед на брзото топење и слабеење на ледените маси.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука