Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.
Од прибежиште од секојдневието до професионално надградување - Андреј Димоски има 20 години и е асистент на тренерот во клубот „ТСК Ритам плус - Скопје“. Тој е студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и паралелно професионално се занимава со танц.
- Се занимавам со спортски танци кои се играат во танцови двојки, односно стандарди танци – англиски валцер, танго, виенски валцер, слоу фокс и квикстеп, и латино-американски танци – самба, ча-ча-ча, румба, пасо добле и џајв.
Рекреативно, за своја забава играм и тренирам парови и поединци за салса и бачата - вели Андреј.
Вели дека тој е страстен танчар и дека љубовта кон играњето му се појавила од најрана возраст.
- Почнав да танцувам уште од основно училиште и тогаш сфатив дека тоа ми е пасија и мотивација за секојдневно да му го посветувам моето слободно време. На почетокот ми беше хоби, меѓутоа, ми стана професија - насока кон која планирам да напредувам професионално. Во септември ќе ја започнам 14-тата година откако почнав да танцувам и планирам секоја година да се зголемува за плус една - вели тој.
Од најголемо значење за неговата кариера се натпреварите каде што ги покажува своите способности и се истакнува во најдобро светло.
- Секогаш најзначајни ни се националните првенства, особено тие каде што го потврдуваме нашето знаење и остануваме прваци, секогаш спремни за компетиција. Од натпреварите одржани надвор од Македонија би ги издвоил натпреварите во Латвија, Грција, Србија, Бугарија, каде што гордо ја претставивме Македонската танчарска федерација и во неколку наврати имавме шанса да бидеме финалисти, натпреварувајќи се со одредени европски и светски прваци од танчарската сфера - раскажува Димоски.
„Вешто негираме пораз, со други зборови, не сакаме да губиме“ вели Андреј
Андреј сподели дека мотивацијата за успесите ја добива од себеси, односно од личното надградување и желбата за успех.
- Како и секој друг спорт, како и сите компетитивни спортисти, наша цел е да се натпреваруваме и да настапуваме на највисоко рангираните европски и светски натпревари, а нашата мотивација за да го постигнеме тоа ја добиваме од секојдневното подобрување, без разлика дали станува збор за техника, музикалност, сооднос со партнерот, кореографија и вешто негирање на поразот. Со други зборови, не сакаме да губиме - вели Андреј.
Го прашавме младиот танчар дали нашата држава нуди доволно можности за надградување во поглед на танцот и што младите сметаат дека би било клучно за негова популаризација.
- Секој талент, поткрепен од знаењето на своите тренери, има цел да биде на врвот во областа во која се натпреварува. Околностите и можностите надвор од индивидуалната мотивација не само што придонесуваат на индивидуално ниво, туку и придонесуваат за унапредување на самиот спорт. Според мене, со дополнителен маркетинг би се овозможиле повеќе натпревари и повеќе парови што би присуствувале на нив, што би резултирало со поголем публицитет за спортот со крајна цел целокупно унапредување на самиот спорт преку младите таленти. Сметам дека со зголемување на публицитетот за спортот, во нашиот случај – танцот, треба да се зголеми присуството во медиумите, особено преку социјалните мрежи кои сите ги користиме секојдневно. Преку промовирањето на спортот, поткрепено со одлични услови, ќе се дозволи откривање на нови млади таленти, што би го направило спортот покомпетитивен - заклучува Андреј.
Фото: приватна архива