Дали нашите далечни потомци ќе бидат киборзи со подобрени делови од телото, екстремитети кои ќе можат да се регенерираат, или ќе имаат скенери наместо очи какви што можеме да видиме во научно-фантастичните филмови?
Дали ќе станеме пониски, повисоки, послаби или подебели или можеби и бојата на тенот ќе ни се промени низ еволуцијата? Овие прашања ги постави колумнистката на
Би-би-си, Луси Џонс, обидувајќи се да стигне до одговори како ќе изгледа човечката раса во иднина.
За споредба, пред милион години луѓето биле многу поразлични од денес. Пред хомо сапиенсот постоеле попримитивни видови луѓе кои повеќе наликувале на денешниот модерен човек отколку на неандерталци.
Во последните 10.000 години човечката раса помина низ многу прилагодувања. Одгледувањето растенија ни овозможи да имаме доволно храна, а со болестите научивме да се бориме со помош на науката. Изгледот ни се промени, станавме подебели, а во некои зони и повисоки.
Томас Меилунд, професор по биоинформатика на Универзитетот „Архус“ во Данска, смета дека луѓето во иднина ќе бидат поситни за на нивните тела да им биде потребно помалку енергија, што секако ќе помогне и на наглиот скок на населеноста на планетата.
Исто така, со оглед што доаѓаме во контакт со многу повеќе луѓе во споредба со нашите предци, професорот Меилунд верува дека ќе ни се подобри способноста за запомнување на имиња и податоци. Според неговото мислење, тука би можела да помогне и технологијата.