Грчкиот министер за цивилна заштита Никос Тоскас, на вонредна прес-конференција истакна дека се појавиле сериозни индиции дека катастрофалниот пожар во околината на Атина е намерно предизвикан. Тоскас нагласи дека до тој заклучок дошле по темелните инспекции на подрачјето, но и по прегледувањето на сателитските снимки. Тие сугерираат дека во краток временски рок на неколку различни места бил предизвикан пожар.
Бројот на починати во катастрофалните пожари сега се искачи на 85, но со оглед на тоа дека сѐ уште има голем број исчезнати и потешко повредени, тој број би можел дополнително да се зголеми. Грчките власти сѐ уште ни самите не знаат колку всушност исчезнати има.
Министерот Тоскас додаде дека му понудил оставка на премиерот Алексис Ципрас, но дека тој не ја прифатил, туку му испратил порака: Време е за борба!
На итната прес-конференција беше и командантот на пожарникарите Сотирис Терзудис, кој прв пат објасни што се случувало во првите часови од пожарот и зошто загинаа толку многу луѓе.
-Огнот брзо почна дда се шири, а по само час и половина пожарот беше со гигантски размери. Да, зборот катастрофа е соодветен за сето она што се случи - рече тој.
Сотирис се обиде да ги увери присутните новинари дека неговите луѓе во целата ситуација биле немоќни.
-Ме прашувате сега дали нешто би променил? Не. Беше апсолутно невозможно да се направи што и да е. Во најкритичниот период на терен имаше околу 40 противпожарни возила, а висината на пламенот беше меѓу 30 и 40 метри - објасни тој.
Неговиот заменик призна дека во еден момент размислувал за евакуација, но дека многу брзо станало јасно дека тоа е невозможна мисија. Имено, пожарот се ширел толку брзо што речиси сите жители на Мати почнале да бегаат во исто време. На излезот на местот настанал голем застој.
-Да тргнеле половина час порано, мнозинство луѓе би успеале да побегнат - рече тој.
Терзудис имаше потреба да каже уште нешто да каже.
-Треба време за да се направи план за евакуација. Се обидевме, но едноставно не е можно да се евакуираат 20 илјади луѓе за час и половина. Навистина дадовме сѐ од себе, испративме автобуси и помош, но едноставно сѐ се освиваше премногу брзо - заклучи Терзудис.
Малку порано, грчкиот министер за одбрана Панос Каменос дел од одговорноста за катастрофата префрли на самите граѓани тврдејќи дека голем дел од куќите во Мати биле изградени бесправно, што предизвикало гневни реакции меѓу народот.
Болната идентификација на повеќе од 80 загинати на источниот брег на Атина продолжи и вчера додека во текот на попладнето подрачјето по пожарот беше зафатено од олујно невреме во кое е причинета значителна штета, но нема информации за жртви.
Форензичарите се обидуваат да ги идентификуваат десетиците тела пронајдени на опожареното подрачје со помош на ДНК од лицата кои би можеле да им бидат роднини. Се надеваат дека таа работа ќе ја завршат до утре. Голем број тела се целосно изгорени, што ја отежнува
идентификацијата.