Според овогодинешното истражување на „World Economic Forum“, Македонија се наоѓа на 80-то место во светот во однос на родовата рамноправност во образованието.
На севкупната скала Македонија се најде на 69 место. Истражувањето и анализата го следеше нивото на родовата рамноправност по категории на образование, политичко учество, здравје и економско учество.
Истражувањето од престижната женевска организација за Македонија донесе катастрофални резултати. Освен што се наоѓаме на 69-то место во светот севкупно, ниско место заземаме и во другите категории.
Според нивото на родова еднаквост при економско учество, се наоѓаме на 70-то место, додека во еднаквоста во политичката вклученост, сме за нијанса подобри, односно се наоѓаме на 65-то место. Кога станува збор за еднаквоста во здравството, се наоѓаме на 120 место, што се прилично катастрофални резултати.
Нивото на еднаквост во образованието се мери со споредување на односот на мажи и жени во основно, средно и високо ниво на образование, како и споредба на нивото на писменост кај мажите и жените.
Подобро место од нас имаат Србија, Хрватска и Словенија, која се најде на деветто место. Пред нас се наоѓаат Уганда, Монголија, БОцвана и Зимбабве. Тоа не значи дека овие земји се „рај за жените“ во споредба со Македонија, туку дека нивото на еднаквост е повисока.
Најдобра позиција имаат скандинавските земји. Прва земја е Исланд, а после Исланд се Норвешка, Финска и Шведска. Најлоши оценети земји се Јемен и Пакистан.