X
 27.07.2020 Наша тема

Иден студенту, прифати ги предизвиците и фокусирај се на желбите и способностите! - советува доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска

Родителите треба да запомнат дека нивниот совет е непроценлив, но на крај, децата се тие што мора да го направат изборот, вели Сотироска-Иваноска, доктор по психолошки науки


За време на средношколските денови добиваме увид во што сме добри, што ни оди, а што не. Некои уште од мали знаат што ќе студираат. Но, нивниот број е мал. А има и такви што до последен момент не знаат каков избор на факултет да направат. Еден важен совет е на еден лист хартија да ги запишете карактеристиките на личноста, своите интереси, вредности, како и преференциите кон природните или општествените науки и врз основа на тоа би се стеснил изборот за факултет, вели доцент д-р Калина Сотироска-Иваноска, која е и декан на Факултетот за општествени науки на Меѓународниот универзитет „Визион“ во Гостивар.

Со неа се обидуваме да им помогнеме на матурантите што се во недоумица каде да го продолжат своето образование, кој пат да го фатат. Како да се избере најсоодветниот факултет?

Како еден млад човек да знае да избере соодветен факултет за себе? Дали одлуката не доаѓа всушност многу порано, кога ги осознаваме нашите интереси?

- По завршувањето на средното образование се појавува дилемата дали да се продолжи со едукација на факултет или не. Доколку матурантите одлучиле да студираат, изборот на факултет претставува исклучително важна одлука, а може да се каже и најтешка одлука која влијае врз целокупната иднина на поединецот. За да се донесе оваа одлука, најважно е да се познаваме себеси и да знаеме што сакаме. Повеќе фактори играат улога во изборот на факултетот, најпрвин реална процена на сопствените можности и способности. Секако, најдобро е да се избере факултет каде што ќе се стекне знаење за искористување на сопствените потенцијали. 

За време на средношколските денови добиваме увид во што сме добри, што ни оди, а што не. Некои уште од мали знаат што ќе се запишат. Но, нивниот број е мал. А има и такви што до последен момент не знаат каков избор на факултет да направат. Еден важен совет е на еден лист хартија да ги запишете карактеристиките на личноста, своите интереси, вредности, како и преференциите кон природните или општествените науки и врз основа на тоа би се стеснил изборот за факултет. Така, на пример, затворени и повлечени луѓе не уживаат во активности кои вклучуваат присуство на повеќе луѓе, па подобро е да се фокусираат на работа која треба самостојно да се извршува и не вклучува контакт со многу луѓе.

Треба ли родителите да им се мешаат на своите деца во изборот? Како можат да им помогнат?

- Бидејќи станува збор за одлука која е од животно значење, советите и поддршката од родителите се секако неопходни. Тргнувајќи од тоа дека родителите го мислат и го посакуваат најдоброто за своите деца, а матурантите се наоѓаат пред можеби најважниот и најтешкиот избор во животот, реакциите од родителите се од големо значење да ја поткрепат нивната одлука. Важно е сите да останат позитивни бидејќи може да биде стресно за сите што се вклучени во ситуацијата. Насочувајќи се кон реално оптимистички поглед, родителите несвесно можат да направат минатото да изгледа совршено, а иднината застрашувачка. 

Родителите треба да ги ислушаат идеите на нивните деца за своите кариери, доколку настапат негативно, ќе се прекине целиот процес на истражување и одлучување. Исто така, потребна е постојана отворена заемна комуникација и заеднички да соберат информации за областа од интерес на детето. Треба заедно да погледнат во иднината, да се насочат кон реалната и оптимистичка иднина. Исто така, може да се консултираат со психолози кои прават професионална ориентација и можат да насочат кон правилен избор на факултет. Родителите треба да запомнат дека нивниот совет е непроценлив, но на крај, децата се тие што мора да го направат изборот. Неколку едноставни правила за родителите: бидете вклучени, но не давајте наредби, обидете се да советувате, а не да одлучувате, давајте поддршка, но не доминирајте.



Калина Сотироска-Иваноска


Што кога студентот го згрешил изборот? Треба ли тоа да се сфати трагично?

- По завршувањето на факултетот го добиваме првото вработување, набрзо стекнуваме искуство, почнуваме да заработуваме пристојно и нашата професионална кариера се развива. Но, изгледа како да фали нешто. Недостигаат страста и ентузијазмот за извршување на работните задачи. Разочарувањето од работата може да се случи многу брзо. Можеби ќе сфатиме дека работните задачи не одговараат на нашата личност или способности. Треба да се одлучиме дали да се усогласиме со работата што ја имаме или да се преквалификуваме и да направиме целосна промена. Но, добро е да се знае дека не треба да очекуваме дека промената на професијата ќе биде лек и ќе ги реши нашите проблеми. Не значи дека новата работа ќе биде многу забавна и дека секогаш ќе бидеме задоволни. Постојано учење, стекнување различни знаења и вештини и адаптирање на предизвиците што ги носи новото време се клучни за успех во кариерата, но исто така, балансот со животот надвор од работата и колку сме задоволни во сопствената кожа се од голема важност.

Еден повик за идните студенти: не откажувај се од себеси, прифаќај ги предизвиците и фокусирај се на себе, на своите желби и способности!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема