Цветковски потекнува од пелагониското село Ношпал во Општина Могила, кое од градот го делат 26 километри регионален пат, што не е проблем за редовно да присуствува на предавањата, наставни и вонаставни активности, проекти, испити...
Уште во средно училиште заедно со своја соученичка конструира робот што реагира на гласовни наредби, а денес е студент на Техничкиот факултет во Битола и уште во јуни ги даде сите испити од втора година полагајќи ги со висок просек, стана стипендист на ЕСМ, а активно е вклучен во работата на фотонапонската централа на факултетот. Антонио Цветковски потекнува од пелагониското село Ношпал во Општина Могила, кое од градот го делат 26 километри регионален пат, што не е проблем за студентот редовно да присуствува на предавањата, наставни и вонаставни активности, проекти, испити...
- Отсекогаш сум се интересирал за техничките науки, па затоа Техничкиот факултет беше правилен избор за мене, но и можност да го надградам моето знаење и да го остварам мојот сон да станам електроинженер. Техничките факултети важат за едни од потешките, но со редовно посетување на часовите, повторување на материјалот, вежбање и изработка на домашните задачи, успехот не изостанува - вели Антонио.
Изработени проекти
Љубовта кон техниката му ја всадиле професорите од средно, кои не се штеделе
Љубовта кон техниката кај него се појави од мали нозе, кога со татко му правеле различни експерименти. Во основното училиште омилен предмет му бил техничко образование, но магијата кон оваа научна дисциплина го обзела во средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола. Набројува плејада професори кои го поттикнале да ѝ се посвети на оваа научна дисциплина: класниот раководител Илче Ацевски, Ацо Михајловски, Јани Сервини, Владимир Роме, Пеце Петров, Тони Панов, Цанка Наумовска... Во текот на средното образование бил вклучен во многу проекти од кои неколку освоиле први и втори места на натпревари по автоматика, електротехника и електроника. Учествувал на многу натпревари каде што редовно освојувал едно од првите три места.
Со соученичката Наиле, со која направија робот
- Часовите со професорите ни беа многу интересни, оттаму ми е една од најголемите мотивации. Особено сакаа да работат со учениците кои имаа идеи и покажуваа интерес за изработка на проекти. Со нас остануваа по часовите и нѐ насочуваа да одиме напред. Навистина учевме, и тоа ни одеше лесно, со многу вежби и примери. За што било ако ги прашавме, ни одговараа. Професорите ни беа и другари - вели Цветковски.
Конструирал робот кој извршувал наредби
Заедно со соучениците Мартин Ристески, Кристијан Ристовски, Наиле Емини, Јове Ангеловски, Петар Илиевски, Мелих Кранли изработил проекти кои биле наградени. Меѓу нив се 3Д-печатач и скенер, проектирање и реализација на програмабилен логички контролор (PLC) со развојната платформа Arduino, како и изработка на паметен робот.
Со соученици и менторот од Техничкото училиште
- Поради нашиот интерес кон роботите, јас и мојата соученичка Наиле направиме наш прототип на робот коj реагира на гласовни наредби. Тој прима наредби преку блутут со апликација „Андроид“ и извршува некаква реакција (според наредбата што ќе ја добие), како и преку вај-фај со посебна апликација (преку сервер). Роботот се движи самостојно и има контрола да не се судри со предмет или ѕид. На носот има Gas сензор, кој кога детектира одреден гас,ЛЕД-светилка на делот на ушите свети црвено и се слуша звук како предупредување за опасност. Има светла и сирена, кои се активираат кога ќе му се нареди. Има можност да следи линија со помош на Тracking Sensor. На телото има ЛЦД-дисплеј, на кој се прикажуваат температурата и влажноста - објаснува Антонио.
Му помагаше на секој што ќе заглави, велат професорите
Од Техничкото училиште замина пред две години, но професорите сѐ уште се сеќаваат на него како на еден од ретките талентирани и исполнителни ученици.
- Многу добро го познавам. Му предавав две години, два стручни предмети: логички кола и дигитални системи, а покрај тоа што му бев професор, како ментор со него заедно учествуваме и на натпревари. Антонио е трпелив, многу прецизен, вреден и работлив. Му помага на секој што „ќе заглави“ и бара соодветен одговор. Фактот што Антонио доби стипендија од ЕСМ многу ме израдува. Компанијата направи одличен потег и во најскоро време ќе добие тимски играч и одличен млад инженер и професионалец во вистинска смисла на зборот - вели неговиот професор од средно Јани Сервини.
За разлика од многу млади што иднината ја бараат надвор од земјава, тој себеси се гледа како електроинженер во некоја домашна производствена или преносна постројка за електрична енергија. Ако не успее тука, дури тогаш планира да се обиде во странство.
Го следи производството на струја од фотонапонската централа на Технички
Активно е вклучен во работењето на 10-киловатната фотонапонска централа на покривот на Техничкиот факултет во Битола, од која произведената струја се користи за установата.
- Самоиницијативно ја следи работата на фотонапонската централа, собира податоци за факторите што влијаат врз производството на струја, прави анализи кои ни се многу корисни. Заедно со други студенти изработува лабораторија за обновливи извори на енергија во која ќе бидат набавени инструменти и опрема за студентите да можат експериментално да истражуваат - вели деканот Стојанче Нусев.
3Д-скенер
Факултетот има цел да се ориентира кон користење струја од обновливи извори. Со централата сметките за струја се неколку пати намалени. Произведената струја не се продава, туку се користи за осветлување, загревање и ладење на објектот. Воедно, во тек е изградба на енергетски ефикасна фасада со променет покрив и дограма, во што 60 години наназад не било инвестирано.
Цветковски вели дека по студирањето нема да го заборави Ношпал, па ќе придонесе за подобрување на животот во селото, за што има одредени идеи кои сега вели дека е рано да ги открие, но се надева дека ќе ги реализира како електроинженер.
Фото: Приватна архива