X
 05.10.2018 Образование

Дали универзитетите треба да му дозволат на масовен убиец да студира?

Kaко треба да постапи еден универзитет со апликација за студирање на еден масовен убиец?

Ова е прашањето со кое се соочува Универзитетот во Осло откако норвешкиот масовен убиец Андрес Беринг Брејвик од затвор аплицираше на насоката за политички науки.

Во јули 2011 година Брејвик уби 77 луѓе во бомбашки напад и напад со пиштол во Осло и на островот Утоја.

Одлуката на универзитетот дали да ја прифати неговата апликација е особено тешка бидејќи токму дел од луѓето убиени од Брејвик биле пријатели со студентите од овој универзитет.

„За наше добро, не за негово“


Тој дури и ги именувал професорите на универзитетот како цели во неговиот екстремно десен „манифест“.

Проректорот на универзитетот вели дека станува збор за „трауматски парадокс“ - насоката што ја избрал Брејвик вклучува проучување на многу политички институции што неговата екстремистичка идеологија ги нападнала.

1
Фото: REUTERS


И покрај тоа, пред три години универзитетот се согласи да му дозволи на Брејвик да студира под строги услови и тој продолжил како студент на додипломски студии, земајќи предмети како политичка теорија, партиска политика, јавна администрација и меѓународни односи.

Материјалите за студирањето му ги дава затворски службеник и тој нема контакт со студентите или професорите и нема пристап до интернет. Универзитетот вели дека студирањето на Брејвик се однесува на почитувањето на правото на затворениците да завршат високо образование доколку ги исполнуваат условите за прием. Поранешниот ректор Оле Петер Отерсен изјави: „Тоа е за наше добро, а не за негово“.

Професорот Свејн Столен минатата година стана ректор и тој се согласи со одлуката на неговиот претходник.

Смирениот пристап на Норвешка

- Нема само едно мислење на еден голем универзитет и е многу потешко за оние што се засегнати, но до одреден степен чувствувам дека сме колективно задоволни што се одлучивме за ова решение. Не е лесно, но мислам дека ова е принципиелна акција од универзитетот - вели професорот Свејн. Тој додаде дека кога пристигнала апликацијата на Брејвик во универзитетот, пред одлуката да се прифати, била земена предвид благосостојбата на студентите и на персоналот.

- Беше исклучително важно да се погрижиме за другите студенти, професорите и администрацијата, така што имавме доста дискусии за тоа како можеме да обезбедиме ова да не влијае премногу врз нив - вели тој.

Професорката Асе Горницка, проректор на Универзитетот во Осло, смета дека нападот на Брејвик делумно бил против самиот универзитет бидејќи е дел од либералниот демократски политички поредок на Норвешка.

Таа рече дека одговорот на универзитетот е во согласност со поширокиот норвешки одговор кон Брејвик.

- Норвешка имаше смирен пристап и дел од општото чувство во Норвешка е дека не му е даден простор. Тој има законски права да студира, но секако тој не може да доаѓа тука или да се вклучи на начинот на кој нормалните студенти студираат - вели таа.

„Подобро образован човек отколку необразован“


Томас, поранешен студент-претставник на Универзитетот во Осло, познавал луѓе што биле убиени во нападот. Тој одбива да го спомене името на Брејвик.

- Не поради страв, туку затоа што не го заслужува тоа. Славата е она што тој го сака - објаснува тој.

Тој е загрижен дека Брејвик сака да студира за да покаже дека се променил и да се обиде да излезе од затвор. Сепак, Томас ја поддржува одлуката на универзитетот.

2
Фото: Reuters


- Мислам дека нема да биде пуштен од затвор, но ако го пуштат, подобро да е образован човек отколку необразован - објаснува тој.

Емил, неодамнешен дипломиран студент од универзитетот, вели дека лидерите на универзитетот ја донеле вистинската одлука, иако била контроверзна.

- Ова беше тест за норвешките либерални политики. Но, образованието може да биде добро за Брејвик - вели Емил.

Дали одлуката на универзитетот е типично норвешка?


Земјата е позната по слободата, толеранцијата и еднаквоста, а можеби универзитетите во Велика Британија и во САД не би прифатиле да студира некој со криминално досие како тоа на Брејвик.

Ентони Селдон, вицеканцелар на Универзитетот „Бакингем“, изјави дека тој би ја пренасочил одлуката кон семејствата на жртвите на Брејвик.

- Длабоко верувам дека образованието е доволно моќно да ги промени луѓето на подобро и верувам во неговата моќ за искупување. Но, овој човек направи нешто ужасно, така што мислам дека не е универзитетот телото што треба да донесе ваква одлука. Ако семејствата на жртвите во мнозинство веруваат дека тој може да добие образование од универзитетот, и ако тој изразил каење за она што го направил, тогаш тој треба да студира. Но, ако тие не се согласат, тогаш одговорот би требало да биде не - вели тој.

Седум години по нападот, поранешниот студент Томас вели дека Норвешка конечно закрепна од трагичните настани.

- Дури сега Норвешка е назад каде што беше. Повеќе не сме жртви - вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование