X
 27.07.2021 Живот

Психолог за паничното пандемско купување: Многумина се честат со скапи нешта поради долгата изолација

Пандемијата на коронавирусот нè принуди да ги согледаме животните околности и приоритети. Дали сега имаме поинакви потрошувачки навики и однос кон парите?

Српскиот психолог Милица Милорадовиќ-Станковиќ нагласува дека шопингот сам по себе не мора да биде лош. Проблем е кога тоа ќе стане еден вид компулсивно однесување чија цел е моментално растоварување или исполнување, па и пренасочување на вниманието од поважни проблеми.

Ако се потсетиме на претпразничните шопинг-трески, би се рекло дека не е така зашто најупорните не ги поколеба ни чекањето во редици, скратеното работно време и затворените трговски центри во викендите. Други се свртеа кон купување преку интернет.

- Специфични околности им го превртеа животот наопаку на некои луѓе. Домашниот буџет во многу фамилии претрпе измени. Неретко се слуша дека некој останал без работа. Луѓето беа принудени да ги менуваат потрошувачките навики. Кога станува збор за емоциите, беше присутно чувството на страв. Стравот, особено на почетокот, доби облик на паника, па се јави феномен на панично купување - вели Милорадовиќ-Станковиќ.

На што нè научи кризата предизвикана од пандемијата кога станува збор за личните финансии?

- Ова беше момент да размислиме што ни е навистина важно и колку некои работи што ги купуваме се суштински неопходни. Добивме шанса да направиме приоритети и да се потрудиме подобро да го планираме располагањето и управувањето со парите - додава психологот.

Навиките се вкоренети однесувања кои тешко се менуваат, па не се исклучок ни оние поврзани со парите и купувањето. Маркетиншките експерти дури и наведуваат одредени видови купувачи. Некои луѓе се насочуваат само на неопходните нешта, додека постојат и такви што купуваат поради уживање.

Многумина се честат со скапи нешта поради долгата изолација, но тоа е краткотрајно.

- Не е нереално да се очекува дека враќањето на вообичаените текови ќе ни ја врати и рутината на купување што ја имавме. Поединци навистина го ревидираа трошењето на парите. Кај некои луѓе ќе се разбуди желбата да си угодат по долго време поминато во вонредни околности. Тоа ќе ги поттикне да купуваат повеќе од вообичаено, дури и поскапи производи кои порано не би си ги дозволиле. Сепак, таквите „испади“ во однесувањето главно се краткотрајни - вели психологот.

Една од лекциите што сите можеа да ја научат од оваа ситуација е тоа дека можеме и преживуваме без многу работи. Секако, не треба животот да се сведе на преживување, но не е лошо да се потсетиме што е нужно и примарно, а што е опција. Материјалното стана релативно, луѓето се насочија кон зачувувањето на здравјето, негувањето на меѓучовечките односи, семејната близина. Значењето на менталното здравје стана очигледно. На луѓето им недостигаше одење во кафе-бар, можеби и повеќе отколку во трговски центар - пред сè поради дружбата.

Извор: Stil
Фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот