X
 27.08.2019 Живот

Доцна синоќа изгаснат големиот шумски пожар над велешкото езеро Младост

Доцна синоќа, околу 22:30 часот, е изгаснат големиот шумски пожар над велешкото езеро Младост, во кој по 11 часа дивеење на огнената стихија, од која постоеше опасност да се зафатат и околните населби, изгоре површина од 400 хектари, од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.

Според информацијата од Територијалната противпожарна единица - Велес, во пожарот изгореле една свињарска фарма и една викендичка. Огнот се приближил до населбата Отовица кај велешкото езеро Младост, но биле ископани ровови и поставена земја, со што било спречено огнената стихија да се прошири кон куќите.

Во гаснењето на огнот, кој пламнал околу 11:40 минути од правец на Скопје, а кој брзо се префрлил кон велешкото езеро Младост и ја зафати боровата шума, освен ТППЕ од Велес се вклучиле и пожарникари од Неготино, Свети Николе, Штип, Кавадарци и Скопје, припадници на АРМ, вработени во ЈП „Македонски шуми“ и ЈКП „Дервен“, а од воздух се гаснеше со два авиона на ДЗС и еден хеликоптер на АРМ. Поради сериозноста од ширење на пожарот, бил вклучен и противпожарниот воз на ЈП „Македонски железници“, кој наизменично гаснел на двете страни од пругата. Од Јавното претпријатие информираат дека поради пожарот, не сообраќал возот Велес-Кочани, а нема да сообраќа ни утринскиот бидејќи се изгорени и стотина прага од железничката пруга на оваа делница

Материјалната штета е голема, но голема е и штетата по животната средина. Околината на велешкото езеро Младост е омилено рекреативно место на велешани и многу домашни и странски туристи. Експертите посочуваат дека последиците се големи и ќе треба да поминат многу години за боровата шума, која пред 50 години доброволно ја засадија велешани, повторно да се ревитализира.

Полицијата синоќа приведе четворица лица што работеле со електричен алат под сомнение дека го предизвикале пожарот од искри на сува трева, кој брзо се прошири и зафати голема површина.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот