X
 13.11.2018 Живот

Зошто во Калифорнија има толку многу шумски пожари?

Што е тоа што ја прави Калифорнија толку подложна на катастрофални пожари? Постојат четири клучни фактори.

Променливата клима

Првиот фактор е калифорниската клима.

- Пожарот на некој начин е многу едноставна работа. Ако работите се доволно суви и има искра, тогаш ќе изгорат - вели Парк Вилијамс, биоклиматолог во опсерваторијата „Ламонт-Доерти“ на Универзитетот „Колумбија“.

Калифорнија добива поголема влажност наесен и назима. Нејзината вегетација преку летото полека се суши поради недостиг на врнежи. Потоа вегетацијата е лесно запалива. Но, додека климата во Калифорнија отсекогаш била подложна на оган, врската помеѓу климатските промени и поголемите пожари е неразделна.

- Зад сето ова стојат температури што се неколку степени повисоки сега отколку што би биле без глобалното затоплување - вели д-р Вилијамс. Тоа уште повеќе ја суши вегетацијата, со што веројатноста да изгори е многу поголема.

Рекордот на Калифорнија со огнот датира од 1932 година; од 10 најголеми пожари уште од таа година, 9 се случиле во 2000 година, 5 во 2010 и 2 пожара се случија оваа година, вклучувајќи го и пожарот „Мендосино комплекс“, најголемиот во историјата на оваа држава.

- Природата создава совршени услови за оган сѐ додека луѓето се присутни да го започнат пожарот. Но, климатските промени на неколку различни начини придонесуваат за уште поголеми пожари - вели д-р Вилијамс.

Луѓето

Дури и ако условите се добри за шумски пожар, потребно е нешто или некој да го запали. Понекогаш предизвикувачот е природата, како удар од гром, но почесто за пожарот се одговорни луѓето.

- Многу од овие големи пожари што ги гледаме во Јужна Калифорнија и кои влијаат врз областите каде што живеат луѓето се предизвикани од човекот - вели Нина С. Оукли, асистент-научен професор по атмосферска наука во Институтот за пустински истражувања.

Овогодишниот пожар, шести по големина во државата, бил започнат кога на камион му пукнала гумата, така што бандажот го изгребал асфалтот, па се појавиле искри.

- Луѓето секогаш создаваат можни искри, а бидејќи станува збор за доста сушна сезона, шансите искрата да се појави во погрешно време се прилично големи. А да не зборувам за подметнати пожари - вели д-р Вилијамс.

Постојат други начини на кои луѓето придонесуваат за пожарите: со изборот каде ќе живеат. Тие сѐ повеќе се движат кон области во близина на шумите.

Задушување на пожарите


Историјата на задушувањето на пожарите во САД покажува дека земјата всушност ги влошила шумските пожари.

- Секојпат кога успешно се боревме со пожарите, многу работи што би изгореле не изгореа. И така, во последните сто години имавме акумулација на растенија во многу области. Денес, кога се случува пожар во Калифорнија, пожарот гори низ места каде што има многу повеќе растенија отколку што би имало, ако дозволевме да изгорат во последните сто години - вели д-р Вилијамс.

Од неодамна Службата за шуми на САД се обидува да ја поправи претходната практика преку употреба на пропишани или контролирани пожари.

Ветровите на Санта Ана


Секоја есен ветровите на Санта Ана носат сув воздух во Јужна Калифорнија. Научниците велат дека Калифорнија има две различни сезони на пожари. Првата е од јуни до септември, и е управувана од комбинација на потопли и посуви временски услови. Овие пожари имаат тенденција да се во внатрешноста, во повисоките шуми. Втората е од октомври до април и е управувана од ветровите на Санта Ана. Овие пожари имаат тенденција да се шират трипати побрзо и да започнат блиску до урбаните области. Тие беа одговорни за 80 отсто од економските загуби во тек на две децении, почнувајќи од 1990 година.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот